Сè започна како романтична естетика, слика на совршено осветлена кујна, ленени фустани, насмеани жени и „идиличен“ дом каде жената изгледа како да избрала да исчезне од јавниот живот. Но зад сликата на таканаречените „tradwife“ инфлуенсерки не стои само носталгија по „поедноставни времиња“, туку внимателно изграден наратив за тоа што значи да се биде жена денес и уште поважно, што не треба да биде.

Ова движење не е само интернет тренд, туку културен производ кој ја романтизира женската покорност како избор, додека истовремено ја претвора во содржина што носи профит. Прашањето затоа никогаш не е дали приказната е „вистинита“, туку кому му служи и зошто повторно станува привлечна во време на економска несигурност и политичкo враќање кон конзервативните вредности.
Денес, „tradwife“ естетиката не живее само на социјалните мрежи. Таа се прелева во политичките дискурси, во идеолошките документи и во културните битки за улогата на жената во општеството. Затоа не зборуваме само за инфлуенсерки, туку за поширока идеологија која се обидува да ја редефинира женската слобода како „избор да не се избира“.

И токму тука почнува вистинската приказна. Движењето на „tradwife“, традиционалните сопруги, продава мит дека педесеттите години биле среќна декада за жените на која треба да се вратиме. Она за што не се зборува е дека педесеттите години исто така биле и декадата на Валиумот, на жени без право на банкарска сметка и на реклами во кои сопругата плаче затоа што не ја исполнила улогата на „совршена домаќинка“. Педесеттите години биле и ера на идеализирана женска покорност.
„Tradwife“ движењето од самиот почеток функционира на продажба на приказна. Оваа приказна денес е важна, не затоа што неколку инфлуенсерки печат леб на TikTok, туку затоа што во Соединетите Американски Држави, во 2025 и 2026 година, нивната естетика доби законска поддршка. „Проектот 2025“, 900-страни документ на Heritage Foundation, ги вградил вредностите на „tradwife“ движењето во федерална политика. Го означува нуклеарното семејство, составено од маж и жена, како „идеална природна структура“. Предлага укинување на родовата рамноправност од сите федерални документи. Предлага забрана на медикаментозен абортус. Се проценува дека 84% од политиките на Проектот 2025 веќе се спроведени или се во тек во САД.
Ова уште еднаш покажува и докажува дека животот на жената никогаш низ историјата не бил само приватна работа, туку бил исклучиво политичко прашање.
Хана, Нара и Ести: Жените што продаваат живот без избор
Во 2018 година, преку TikTok и Instagram, жените почнале да го документираат она што го нарекуваат традиционален живот. Хана Ниламан, балерина со диплома од Juilliard во Њујорк, сега живее на ранч во Јута, има девет деца, пече леб и молзе крави со неверојатно добро осветлување. Во 2024 имала 10 милиони следбеници на Instagram и 9,8 милиони на TikTok. Нејзиното семејство поседува комерцијален ранч, онлајн продавница и бизнис со прехранбени производи. Нара Смит, 22-годишна мајка на три деца и модел, има 7,7 милиони следбеници и го подготвува секој оброк буквално од нула, со глас толку смирен што личи на медитациска апликација. Ести Вилијамс пишува за „библиска покорност“ и дава совети за привлекување „вистински мажи“.
Трите ја одбиваат или не ја прифаќаат етикетата „tradwife“. И трите заработуваат директно од нејзината продажба.
Тоа е најголемото лицемерие на моделот, додека ги обесхрабруваат следбеничките да градат финансиска независност, нивните социјални медиуми функционираат како профитабилни работни места. Инфлуенсерката пропагира да не работиш, а притоа работи. Производот што го продава е зависност без излез, со повеќе деца и со помалку избор.

„Tradwife“ естетиката ја романтизира сликата на предградијата во педесеттите. Жена во фустан и престилка, насмеана пред шпоретот. Маркетинг за нова улога на жената. „Tradwife“ движењето не сака да се вратиш во педесеттите. Сака да заборавиш зошто жените воопшто сакале да избегаат од нив.
На неодамнешна Turning Point USA Women’s Leadership Summit (WLS) конференција во САД, десничарска активистка Ерика Кирк и нејзините гости меѓу кои и Савана Стоун, повторно ја отворија дебатата околу улогата на жената во современото општество, испраќајќи пораки што силно потсетуваат на реториката на „tradwife“ движењето.
Во нивните обраќања, тие повикаа жените да „раѓаат повеќе деца отколку што мислат дека можат да си дозволат“, да стапуваат во брак уште на 17-годишна возраст и да се вратат кон моделот „еден глас – едно семејство“, каде семејната и општествената улога на жената е строго дефинирана и централизирана околу домот и мајчинството.
Оваа реторика не е нова, но е симптоматично што повторно добива сцена во време кога во јавниот дискурс се интензивираат дебати за демографија, родови улоги и „враќање на традиционалните вредности“. Она што се претставува како грижа за семејството, често се претвора во политички проект кој ја стеснува дефиницијата на женската слобода на избор помеѓу мајчинство и молк.

Авганистан: кога „избор“ не е избор
Кога зборуваме „tradwife“ неминовно се навраќам на Авганистан, држава каде ова движење не е естетика, туку закон. Само 5% од Авганистанките самостојно одлучуваат за сопствената здравствена заштита. 44% одлуките ги носи сопругот. „Tradwife“ инфлуенсерката може утре да го остави сопругот, да отвори банкарска сметка и да почне кариера. Авганистанката нема таква можност. Разликата не е естетска. Таа е правна, структурна и егзистенцијална. Разликата не е во фустанот, туку во тоа што едната жена има избор, а другата нема.
Продадена приказна за среќа
Во 2025 година, New York Times објави колумна со наслов „Tradwife содржината не е за жените. Таа е за мажите кои сакаат покорни сопруги.“ Истата година, New Yorker одговори со прашање: „Дали tradwife содржината е опасна или само глупава?“ Академската студија објавена во 2026 во Psychology of Women Quarterly идентификува пет идеолошки теми во „tradwife“ содржината: родов есенцијализам, пронатализам, бела супремација, христијанска супремација и антинаучна дезинформација.
„Tradwife“ е движење кое им продава на следбеничките, мит дека нивната незадоволност доаѓа од слободата, наместо од нејзиниот недостаток. Лагата никогаш не е само лична. Таа е структурна и е најопасна кога изгледа нежно, домашно и како сопствен избор. Валиумот како потреба и таблета исто така бил убаво спакуван. Патријархатот отсекогаш знаел да се продава во убаво пакување, само што денес има само подобра камера, подобро осветлување и многу повеќе следбеници.