Силно невреме проследено со појава на град, засилен ветер и пороен дожд попладнево зафати делови од централна, источна и западна Македонија. Метеоролошките радари регистрираа интензивни јадра северозападно од Прилеп, југозападно од Пробиштип, како и во околината на Дебар и Крушево, додека во Велес живата во термометарот се искачи до максимални 38,4 степени. Нестабилно време со услови за локални бури ќе се задржи и во текот на утрешниот ден.
Попладневната дестабилизација на атмосферата донесе силни врнежи и град во повеќе региони. Поголемо нестабилно јадро со грмежи и силен ветер се разви северозападно од Прилеп, додека југозападно од Пробиштип невремето беше проследено со силен ветер и интензивен пороен дожд.
Слични процеси со град беа забележани и јужно од Дебар, како и источно од Крушево. Според радарските набљудувања, нестабилните воздушни маси се движеа со брзина од 8 до 24 километри на час во правец од запад кон исток.
Според официјалните мерења, највисока максимална температура од 38,4 степени Целзиусови беше измерена во Велес. Во Скопје-Петровец беа регистрирани максимални 37,8 степени, додека на мерната станица во Штип беа измерени 37,7 степени.
Најсвежо остана на планинските мерни места. На Попова Шапка максималната температура достигна 23,1 степен, а во Крушево 29,8 степени. Во Скопје во 17 часот беа измерени 37 степени со релативна влажност на воздухот од 28 проценти и воздушен притисок од 981 хектопаскал.
Утре претпладне ќе преовладува сончево и топло време, но во попладневните и вечерните часови повторно ќе има услови за нестабилност со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. Локално процесите ќе бидат во форма на краткотрајно невреме со појава на град.
Во Скопје утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност, а во вечерните часови во делови од котлината ќе има услови за пороен дожд и грмежи. Од среда до крајот на работната седмица ќе се задржи стабилно, претежно сончево и топло време, со максимални дневни температури кои ќе се движат во интервал од 30 до 38 степени.