Демократите остварија поголема победа на изборите за Конгресот отколку што предвидуваа и најоптимистичките анкети. Според проценките, во Претставничкиот дом ќе имаат најмалку 245 од вкупно 435 места, а во Сенатот освоија најмалку седум места што претходно ги држеа републиканците. Победија во Тексас, Јужна Каролина и Канзас, но и во Мејн, Ајова, Охајо и Северна Каролина. Во Канзас, Адам Хамилтон стана првиот демократ што освоил сенаторско место од 1932 година.
Доналд Трамп им честиташе на демократите, но јасно стави до знаење дека резултатот не го смета за отфрлање на неговото лидерство. За технолошката индустрија, сепак, пораката е недвосмислена. Како што оценија првите реакции во американските медиуми, изборите беа удар не само за администрацијата на Трамп, туку и за Силициумската долина.
Рекордни вложувања, скромен изборен ефект
Технолошките милијардери вложија рекордни суми во овие избори. Криптоиндустријата, компаниите за вештачка интелигенција и индустријата за онлајн обложување потрошија повеќе од 377 милиони долари.
Илон Маск сам вложи речиси половина милијарда долари во обид да им помогне на републиканските кандидати. Повеќе од 200 милиони долари потроши во кампањата против демократот од Тексас, Џејмс Таларико, кој сепак го победи Кен Пакстон.
Политичкиот комитет „Лидинг д фјучр“ (Leading the Future), кој ја поддржува индустријата за вештачка интелигенција, а го финансираат коосновачот на „ОпенАИ“, Грег Брокман, и инвеститорите Марк Андрисен и Бен Хоровиц, во изборната кампања најмногу средства насочи кон републиканската кандидатка за Сенатот во Јужна Каролина, Дарлин Греам.
Таа загуби од демократката Ени Ендрус, која во кампањата ја нарекуваше „Дарлин од дата-центрите“ и побара двегодишен мораториум за изградба на центри за податоци во таа сојузна држава.
Победа за поддржувачите на регулацијата
Истовремено, победија и повеќе кандидати што се залагаат за построга регулација на вештачката интелигенција. Во Колорадо, Мани Рутинел, предлагач на едни од првите државни закони насочени кон компаниите за вештачка интелигенција, го победи републиканскиот кандидат.
Рутинел беше и миленик на донаторите од самите лаборатории за вештачка интелигенција, загрижени за ризиците што ги носи технологијата. Сенаторот Џон Ософ, кој исто така победи, во говорот по изборната победа ги критикуваше „титаните на Силициумската долина“ кои градат бункери за себе, а истовремено предупредуваат дека вештачката интелигенција што ја развиваат може да предизвика исчезнување на човештвото.
Центрите за податоци станаа прашање на трошоците за живот
Едно од најголемите изненадувања на овие избори е што вештачката интелигенција и центрите за податоци станаа тема што влијае врз гласачките одлуки. Според анкетите, 56 отсто од гласачите изјавиле дека вештачката интелигенција или центрите за податоци биле пресуден или важен фактор при изборот на кандидати за Конгресот.
Според првичните резултати, поминале најмалку 35 локални референдуми за забрана или ограничување на изградбата на центри за податоци.
Причината е едноставна – сметките за електрична енергија. Независниот оператор на електроенергетскиот пазар ПЈМ, најголемиот во САД, проценил дека центрите за податоци биле одговорни за 63 отсто од растот на цените во периодот 2025–2026 година, што ги чинело потрошувачите 9,3 милијарди долари.
Во Тексас, за кој се предвидува дека до 2030 година ќе ја надмине Вирџинија и ќе стане најголемиот пазар за центри за податоци во светот, демократката Џина Хинохоса го победи гувернерот Грег Абот. Во кампањата таа го обвинуваше дека ги ставил интересите на големите технолошки компании пред потребите на локалните заедници.
Што ќе се промени од јануари?
Постои една реалност што демократите не можат да ја игнорираат: Трамп ќе остане претседател до јануари 2029 година и има право на вето, а за усвојување на повеќето закони во Сенатот се потребни 60 гласа. Тоа значи дека демократите нема да можат самостојно да донесат закон за вештачката интелигенција.
Сепак, ќе можат да ги блокираат приоритетите на Трамп, да ја одредуваат политичката агенда и да отвораат истраги за технолошката индустрија, вклучително и со сведочења под заклетва.
Истраги и сослушувања под заклетва
Контролата врз одборите во Претставничкиот дом им дава на демократите можност да издаваат судски покани и да водат истраги. Хаким Џефрис, кој се очекува да стане нов претседател на Претставничкиот дом, уште пред изборите ја поддржа идејата за формирање посебен комитет за вештачка интелигенција со овластување да издава судски покани.
Меѓу првите што реагираа беше Грег Касар, претседател на прогресивната пратеничка група во Конгресот, кој побара директорите на компаниите за вештачка интелигенција да сведочат под заклетва.
Крај на обидите за потиснување на државните закони
Еден од главните приоритети на Трамп во областа на вештачката интелигенција беше федералната регулатива да има предност пред законите на сојузните држави. Неговата администрација сакаше да донесе поблага федерална рамка со која на поединечните држави би им се забранило самостојно да ја регулираат вештачката интелигенција.
Предлогот за мораториум двапати пропадна. Сенатот го отфрли со 99 гласа против и еден за, а Конгресот го изостави и од законот за одбраната за 2026 година. Во меѓувреме, Белата куќа се обиде да ја постигне истата цел преку судски пат, со извршната наредба 14365, со која Министерството за правда доби задача да ги оспорува државните закони за вештачка интелигенција.
Со новиот состав на Конгресот, законодавниот пат за ваква иницијатива е затворен, а Калифорнија, Њујорк и другите сојузни држави ќе продолжат да носат сопствени правила.
Даноци за центрите за податоци
Демократите во двата дома предложија неколку закони со кои би се укинале даночните олеснувања за центрите за податоци или би се вовеле даноци за користењето вештачка интелигенција и за екстрапрофитот на компаниите. Сенаторите Рон Вајден и Елизабет Ворен потврдија дека ова ќе биде еден од приоритетите на демократскиот Сенат. Без потписот на Трамп, овие закони нема да можат да стапат на сила, но би можеле да станат важен адут во преговорите за буџетот.
Заштита на децата, дипфејкови и алгоритамски цени
Најголем простор за договор меѓу двете партии постои околу заштитата на децата од чет-ботови со вештачка интелигенција и забраната на злонамерните дипфејк-содржини, бидејќи овие мерки ги поддржува и дел од републиканците.
Прогресивците дополнително ќе се залагаат за предлог-законот на Касар против алгоритамското одредување цени. Тој е насочен кон софтверите што автоматски ги менуваат цените на кириите и другите производи и услуги.
Чиповите и Кина
Извозот на чипови за вештачка интелигенција во Кина е едно од ретките прашања за кои Трамп наидуваше на отпор дури и во републиканскиот Конгрес. Со демократското мнозинство, критиките во оваа област веројатно ќе станат погласни, а законските ограничувања на извозот имаат реални изгледи за поддршка и од републиканците со поостар став кон Кина.
Технолошката индустрија ќе мора да ја смени стратегијата
Поддржувачите на индустријата за вештачка интелигенција и понатаму тврдат дека строгите правила и 50 различни регулаторни системи на ниво на сојузните држави би ги забавиле американските компании во трката со Кина. Овој аргумент ќе остане во средиштето на нивното лобирање.
Но, според оценката на Си-ен-би-си, технолошките компании ќе мора да ја приспособат својата стратегија во Вашингтон. „Лидинг д фјучр“ уште пред изборите премина во дефанзива, задржувајќи ги средствата наместо да ги вложува во кампањи, додека дел од донаторите се повлекуваа.
Истражување на „Дата фор прогрес“, нарачано од организацијата „Гардрејлс алајанс“, која се спротивставува на интересите на индустријата, покажало и зошто. Во Ајова, Мичиген и Охајо, околу три четвртини од гласачите изјавиле дека би биле помалку склони да поддржат кандидат доколку знаат дека зад него стои политички комитет финансиран од индустријата за вештачка интелигенција.
За индустрија која во изминатите две години живееше со уверувањето дека Вашингтон работи во нејзина полза, изборниот вторник беше отрезнување. Следните две години можеби нема да донесат строга федерална регулација, но ќе донесат нешто со што компаниите за вештачка интелигенција не се соочиле од појавата на ЧетГПТ: Конгрес кој не се плаши да ги повика на одговорност.
