Нетфликс ја претстави АИ Дискавер, нов дел од својата телевизиска апликација што користи вештачка интелигенција за да им го олесни пронаоѓањето филмови и серии на корисниците. Новата функција се заснова на тематски препораки. Корисниците, на пример, можат да избираат категории како лесна содржина за опуштање, хорор, семејни филмови или пократки наслови. По изборот на темата, Нетфликс прикажува соодветни предлози, а корисниците можат дополнително да го стеснат изборот. Доколку понудените содржини не им одговараат, можат да побараат сосема поинакви препораки.
Една од новините е и можноста за дополнително приспособување на препораките за секој поединечен наслов. Покрај постојните опции за пуштање на содржината и додавање во листата, АИ Дискавер ја нуди и функцијата „Приспособи ги препораките“ (Tune Your Recommendations).
Со неа корисниците можат да означат дали сакаат да задржат одредена препорака или повеќе не сакаат да добиваат слични предлози.
„Она што најмногу нè радува е начинот на кој се користи новата функција. Кажете ни што ве интересира, а корисничкото искуство ќе се приспособи на вашите желби. Ако ни кажете дека некоја препорака не ви одговара, АИ Дискавер ќе го запомни тоа за да не ви ја прикажува повторно“, наведуваат од Нетфликс.
Сепак, новата функција засега не е достапна за сите претплатници. Тестирањето започнува во САД, на ограничен број телевизори и кај корисници што ја користат услугата на англиски јазик.
Компанијата најавува дека во следните недели постепено ќе го проширува пристапот до тестирањето. Повратните информации од корисниците ќе влијаат врз понатамошниот развој на функцијата и одлуката за нејзино пошироко воведување.
