По серијата сајбер-напади врз системите за ладење во Европа, и Соединетите Американски Држави предупредија на „трајна сајбер-закана“ за индустриските системи за ладење.
„Доколку успешно ги искористат овие ранливости, напаѓачите би можеле да ја променат температурата, што потенцијално би предизвикало физички последици, како опасност од пожар, губење на залихите и промени во работниот век на самиот систем“, се наведува во соопштението што го објавија ФБИ, Агенцијата за сајбер-безбедност и безбедност на инфраструктурата (ЦИСА) и други американски владини институции, пренесува Ројтерс.
Во соопштението се додава дека непознати злонамерни сајбер-актери ги таргетираат ранливостите во електронските контролери за температура и комерцијалните системи за ладење што се достапни преку интернет. Овие системи се користат во продавниците за храна и во индустриските ладилници.
„Секоја организација што зависи од системи за ладење и надзор треба да претпостави дека може да биде цел на напад“, изјави Крис Бутера, вршител на должноста извршен помошник-директор за сајбер-безбедност во ЦИСА.
Претходно оваа недела, претставници на европските трговски синџири соопштија дека хакерски напади врз повеќе од 70 продавници и супермаркети во Белгија, Луксембург и Шведска предизвикале зголемување на температурата во фрижидерите и замрзнувачите. Храната што се чувала во нив била фрлена за да се избегнат ризици по безбедноста на потрошувачите.
Проблеми биле пријавени и во Франција. Според наводите на Францускиот завод за трансфузија на крв, хакери ја зголемиле температурата во ладилниците на службата од минус 30 на 110 степени Целзиусови.
