Телото слуша

…јас учам да слушам. Не светот, не другите. Себеси.

Вака ја завршив минатата колумна, токму на вистинското место, за да ја продолжам со тоа што го научив. Од девојче што неможеше да ги искаже своите чувства, до соголување на оваа душа пред тебе, ќе се надоврзам и на првата колумна „Кога утре не е ветено“.

Пред половина година лежев во истиот болнички кревет во кој лежам и сега. Ги слушнав зборовите кои никогаш не помислив дека ќе ги чујам. Зборови кои му даваа рок на траење на мојот живот, краток рок. Зборови што ме убедуваа дека нема да можам да живеам повеќе нормално, ниту дека моето срце ќе издржи долго без пумпа. Пумпа закачена 24/7 околу мојот стомак, затоа што моите нефункционални бели дробови му ја отежнуваат работата. Уште зборови – трансплантација, донор, средба со тимот за трансплантација, листа на чекање…Wait, what???

Не можев да го прифатам тоа, не сакав да го прифатам тоа. Како човек во затвор што е лишен од својата слобода, така бев лишена од мојот живот и тоа без да направам убиство или криминално дело. Поминав веќе еднаш под хируршки нож на градниот кош, нема теорија повторно да го поминувам истото со 50-50 шанса. На човекот – мојот спасител или водичот до себеспасителот, низ сесиите во првите два месеци му зборував дека не сакам да живеам повеќе, го молев да ми помогне некако да го напуштам ова тело а да не е тоа брутално. Не прифаќав дека треба да се збогувам со животот што го познавав. Јас, која отсекогаш бев жедна за живот, која веќе еднаш ја научив лекцијата за неговата вредност по една ризична операција што не ветуваше добар исход. Од истата таа од која се разбудив по пет дена кома на интезивна нега, токму на денот на мојот роденден. Се родив два пати на ист ден!

Таа втора шанса ми го промени животот. Живеев со благодарност, станав позрела, посвесна и мислев дека конечно сум научила што навистина значи да се живее.

Но, очигледно животот имаше уште една лекција за мене. Како повторно се доведов на истото место?

Порано знаев да ги осудувам луѓето што си го одземаат животот. Денес знам колку е лесно да судиш од позиција на сигурност, кога не си ја почувствувал тежината што некој друг ја носи. Има болка што некогаш не се гледа. Постојат ноќи кога единствената молитва е да не се разбудиш следното утро. Не затоа што не го сакаш животот, туку затоа што повеќе не можеш да ја носиш тежината на сопствената болка и копнееш душата конечно да најде мир.

…Но, човекот е чудно суштество.

И кога мислиш дека си стигнал до самиот крај, некаде длабоко во тебе останува едно мало парче што сè уште сака да живее, колку и да си се помирил со смртта. Кај мене не дојде како гром, не се разбудив едно утро со нова надеж, не ми дојде нешто на сон.

Дојде тивко, во изолација, во напуштање на градот и тотално осамување со денови во природа. Денови без средба со друг човек, долги прошетки со по некоја животинка што ќе ми се придружи по патот, дури и со соочување ноќи без струја и силни грмотевици. Така ме најде уличното куче од село – Мајк (јас му го дадов тоа име), што со мене поминуваше денови, спиеше пред врата и во очите ме разбираше повеќе од било кој човек, како да ја впиваше сета моја болка. Да го видиш Мајк на прва нема да ти биде сеедно, ниту слатко, ниту мило, затоа и беше во улога на мој bodyguard иако повеќе беше мојот soul-guard. И двајцата бевме survivors.

Почнав повторно да се слушам. Не болеста. Не прогнозите. Не стравот. Себеси. Полека почнав да го менувам секојдневието. Да бидам дисциплинирана со терапијата. Да му дадам на телото сон, мир, движење, чист воздух. Да му дадам шанса да го направи она за што е создадено – да закрепнува.
Почнав да истражувам и сè што можеше да ми биде дополнителна поддршка – техники за смирување на умот, работа на себе, алтернативни пристапи кон изцелување. Знаев дека никој неможе да ми помогне ако најпрво не си помогнам самата, никој не може да ја изоди оваа битка наместо мене. Морав повторно да поверувам во себе. Во истата онаа сила што ме доведе до толку многу цели во животот. Само што овојпат, целта беше животот.

Моја библија во ова искусување ми е книгата Mind Over Medicine. Во неа авторката објаснува дека мозокот ја регистрира состојбата, но умот ѝ дава значење. Кога односот кон болеста ќе се помести од страв и беспомошност кон доверба и желба за живот, телото реагира поинаку. Не затоа што мислите се магија, туку затоа што умот, емоциите и телото се многу подлабоко поврзани отколку што често сме свесни.

Одлуката стана јасна и гласна. Одбив да дозволам дијагнозата да стане мој идентитет. Одбив да живеам според бројките, прогнозите и статистиките. Одбив да носам пумпа, не се согласив на трансплантација на белите дробови (do not follow). Не затоа што ја игнорирав медицината, туку затоа што одлучив дека секој ден што ми е даден ќе го живеам како телото да ме слуша. А можеби и навистина ме слушаше.

Веќе два месеци пред следната интервенција знаев или подобро кажано чувствував, дека овојпат приказната ќе биде поинаква. Телото ми зборуваше поинаку. Научив дека медицината може да направи неверојатни работи. Докторите оперираат, терапијата помага, процедурите спасуваат животи. За тоа ќе бидам благодарна до крајот на животот. Но, исто така сфатив дека ниту една операција, ниту едно апче не ја завршува целата работа само по себе ако се нема волја и верба.

Телото има сопствен механизам за закрепнување и нашата улога е да му создадеме најдобри можни услови да го направи тоа што природно знае. Токму затоа почнав да работам и на оној дел што беше моја одговорност. Не затоа што мислев дека сама ќе се излекувам, туку затоа што сакав да му помогнам на сопственото тело да ја води битката заедно со медицината.

Кога повторно дојдов во оваа болница, тоа повеќе не беше истата јас што пред неколку месеци плачеше затоа што мислеше дека животот ѝ завршува. Овојпат резултатите зборуваа поинаку. Срцето повторно работеше нормално. Дишев подлабоко. Притисоците во срцето и белите дробови се значително подобри и во нормални граници. Пумпата, која тогаш изгледаше како неизбежна иднина, повеќе не е потребна. Ниту трансплантацијата не е нешто што мора веднаш да се случи. Ако ја задржам оваа состојба, можам да продолжам да живеам без тие сценарија што некогаш беа единствена иднина. Дел од моите бели дробови остануваат неповратно оштетени, но сепак можам да живеам нормално со оваа дијагноза, некогаш со повеќе некогаш со помалку кислород, но со многу повеќе живот.

Не, ова не е приказна дека умот сам лекува. Ова е приказна дека кога медицината, дисциплината и силата на умот ќе застанат на иста страна, телото знае да слуша. Внимавајте и како му се обраќате на сопственото тело. Ако постојано му зборуваме со страв, жалење и безнадежност, тешко е и сами да поверуваме дека може да закрепнува.

Не ја потценувај моќта на умот. Не ја потценувај моќта на кажаниот збор. Верувај во своето тело. Верувај дека во него постојат механизми што секој ден тивко работат за тебе. И верувај во своите супермоќи. Изцелувањето се случува секое утро кога ќе одлучиш дека нема да се откажеш од себе.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс