Жарко Иванов: „Флипбук“ годинава ќе ве изненади, насмее и збуни

Седум години по првото издание, „Флипбук“ годинава расте на седум фестивалски дена, три локации и 185 филмови во шест селекции. За Жарко Иванов, проширувањето е природен одговор на фестивалот кој веќе ја надминал рамката на класичните филмски проекции. Во интервју за Трн, тој открива што носи најголемото издание досега – од Европската панорама и програмата „Бумбар“ до „WTF OFF“, новиот визуелен идентитет и фестивалските средби надвор од кино-салата.
Screenshot

Седум години по првото издание, „Флипбук“ годинава влегува во нова фаза, наместо вообичаените четири, фестивалот ќе трае седум дена, ќе се одвива на три локации и ќе донесе дури 185 филмови распоредени во шест селекции. Од Европската панорама во КОТУР, преку натпреварувачките програми и професионалните содржини во Кинотеката, до журките и неформалните средби во „Sе“, фестивалот очигледно повеќе не сака да биде само серија филмски проекции.

Што стои зад ова проширување, дали „Флипбук“ го надминал својот првичен формат и што сака да ѝ понуди на публиката што досега можеби не гледала авторска анимација? За новата програма за млада публика „Бумбар“, студентската конкуренција, европската панорама, необичната програма „WTF OFF“ на Себастијан Сперер, но и за тоа зошто анимацијата и во дигиталната ера не ја губи својата рачна и авторска суштина, разговараме со Жарко Иванов од „Флипбук“.

Трн: Седум години по првото издание, фестивалот годинава првпат се проширува на три локации и седум дена наместо вообичаените четири. Што конкретно ве натера да заклучите дека „сте го надминале“ вашиот оригинален дом?

Жарко: Тоа не беше одлука што ја донесовме одеднаш, туку нешто што постепено стана очигледно во текот на последните неколку изданија. Секоја година добивавме сè поголем број пријавени филмови, имавме повеќе потврдени гости, работилници, изложби, промоции на книги и дополнителни програми, а сето тоа требаше да биде распоредено во четири многу интензивни фестивалски дена. Во еден момент сфативме дека програмата веќе не ја обликуваме само според нејзиниот квалитет и значење, туку и според ограничувањата на времето и просторот што ни се на располагање.

Кинотеката останува централното место на фестивалот и нашиот вистински филмски дом. Проширувањето на три локации не значи оддалечување од неа, туку отворање дополнителен простор за содржините што во изминатите години природно се развиваа околу филмските проекции. По шест изданија веќе имаме публика што сака да остане по проекциите, да разговара со авторите, да присуствува на изложба или промоција, а следниот ден да дојде на сосема поинаков тип програма.

Затоа годинава фестивалот трае седум дена и се одвива во КОТУР, Кинотеката и во „Sе“. На тој начин добиваме повеќе време за филмовите и гостите, но и можност секоја програма да го добие просторот што го заслужува, без целиот фестивал да биде сведен на непрекината низа проекции.

Трн: Со 185 филмови вкупно низ сите шест селекции – како логистички успеавте да го испратите тој скок во обем токму годинава?

Жарко: Бројката е навистина голема, особено кога ќе се земе предвид дека станува збор за фестивал организиран од релативно мала екипа. Сепак, тие 185 филмови не се резултат на ненадејно проширување, туку на континуираниот развој на фестивалот и на неговите селекции. Од година во година добиваме повеќе пријави, следиме сè поголем број фестивали и продукции, а годинава ја воведуваме и новата програма за млада публика „Бумбар“.

Во шесте селекции ќе бидат прикажани 27 филмови во главната конкуренција, 31 во студентската, 13 анимирани документарни филмови, 25 анимирани музички видеа, 53 филмови во Европската панорама и 36 во програмата за млада публика. Секоја од овие категории има сопствен карактер, публика и начин на презентација, поради што беше важно програмите да не се натрупаат во исти четири дена. Европската панорама ја издвоивме во посебен тридневен термин, детската програма добива сопствени проекциски блокови, а натпреварувачките селекции се поделени во повеќе целини.

Зад тоа стои голема организациска работа: комуникација со авторите и дистрибутерите, обезбедување копии, преводи, титлување, техничка проверка и распоредување на филмовите. Проширувањето на фестивалот на седум дена беше неопходно за обемот на програмата да не доведе до нејзино механичко и пребрзо прикажување.

Трн: Одлучивте Европската панорама да почне порано, од 3 до 5 август во КОТУР, пред официјалното отворање на 6 август. Зошто фестивалот годинава практично добива „претпрограма“, наместо сè да почне од првиот ден?

Жарко: Европската панорама е програма за која во изминатите години секогаш ни недостигаше доволно време. Во неа се вклучени филмови што не влегле во натпреварувачките селекции, но целосно одговараат на програмскиот профил на фестивалот и заслужуваат да бидат прикажани пред македонската публика. Годинава станува збор за 53 филмови, меѓу кои има и повеќекратно наградувани остварувања, како „Water Girl“ на Сандра Десмазие, добитникот на Гран-при на Анимафест „Dull Spots of Greenish Colours“ на Саша Свирски и латвискиот „Freeride in C“ на Едмундс Јансонс.

Наместо тие филмови повторно да ги сместиме во неколку термини меѓу натпреварувачките програми, решивме Европската панорама да добие сопствен простор и три фестивалски вечери. КОТУР има поотворена и понеформална атмосфера и ни овозможува да допреме и до публика што можеби нема навика да следи повеќедневни фестивалски програми во кино, но е заинтересирана да открие нешто ново. Така фестивалот годинава започнува постепено.

Од 3 до 5 август се одвива Европската панорама, а на 6 август, со официјалното отворање, започнува главниот дел од програмата. За нас тоа не е само претпрограма, туку полноправен дел од фестивалот, со сопствена селекција и публика.

Трн: Фестивалот годинава е распослан низ КОТУР, Кинотека.мк и просторот „Sе“ – три места со сосема различен карактер. Како ја замисливте поделбата, дали секоја локација носи различна енергија или тип публика?

Жарко: Трите простори навистина имаат различен карактер и токму затоа програмската поделба не е случајна. Кинотеката останува јадрото на фестивалот и местото каде што ќе се одвиваат натпреварувачките селекции, разговорите со авторите, работилниците, изложбите, промоциите и најголемиот дел од професионалната програма. Тоа е простор во кој публиката може внимателно и концентрирано да ги гледа филмовите, а истовремено во текот на денот да присуствува и на другите фестивалски активности. КОТУР има поинаква, понепосредна атмосфера и затоа го избравме за Европската панорама.

Станува збор за многу разновидна програма, составена од филмови со различни техники, теми и авторски пристапи, која може да комуницира и со публика што не го следи анимираниот филм професионално или фестивалски. „Sе“, пак, го гледаме како простор во кој фестивалскиот ден продолжува и по завршувањето на официјалните проекции. Таму авторите, гостите, членовите на жирито и публиката ќе можат да се сретнат и да разговараат во понеформална средина. На тој начин, секоја од трите локации има своја функција: Кинотеката е главниот филмски и професионален простор, КОТУР ја отвора програмата кон поширока публика, а „Sе“ овозможува фестивалските средби да продолжат и надвор од кино салата.

Трн: Просторот „Sе“ се спомнува во контекст на журки и караоке покрај филмската програма – колку е важно за вас фестивалот да не остане само проекции, туку да прерасне и во социјален настан?

Жарко: Фестивалот, пред сè, постои поради филмовите, но искуството од сите големи фестивали за анимација покажува дека неговото значење не завршува со проекцијата. Многу од најважните контакти и соработки се создаваат по програмата, кога авторите, студентите, продуцентите, членовите на жирито и публиката имаат можност слободно да разговараат и да ги споделат своите искуства. Процесот на создавање анимиран филм е долг, бавен и често осамен.

Авторите работат со месеци или години на филмови што траат само неколку минути. Фестивалот е една од ретките можности тие да се сретнат со своите колеги, да го видат начинот на кој публиката реагира на нивната работа и да воспостават врски што подоцна можат да прераснат во нови проекти и соработки. Затоа журките, караокето и неформалните средби не ги сметаме за содржини што се одделени од фестивалската програма. Тие се продолжение на разговорите што започнуваат во Кинотеката, по проекциите, работилниците и панел-дискусиите. За нас е важно фестивалот да има професионална и уметничка сериозност, но истовремено да остане отворен, непосреден и пријателски простор за луѓето што ја создаваат и ја сакаат анимацијата.

Трн: За церемонијата на отворање на 6 август го доведувате Себастијан Сперер со неговата патувачка програма „WTF OFF“ – кажете ни повеќе, што точно опфаќа таа „луда“ програма што ја најавувате?

Жарко: Себастијан Сперер е долгогодишен пријател на фестивалот и селектор со големо искуство во областа на современата авторска анимација. Во минатото бил селектор на фестивалот во Анеси, а денес е дел од програмскиот тим на Анимату во Швајцарија. Неговата патувачка програма „WTF OFF“ е составена од неконвенционални анимирани филмови што тешко можат да се вклопат во вообичаените жанровски, тематски или технички категории.

Станува збор за филмови што се радикални во визуелниот пристап, во хуморот, во наративната структура или во начинот на кој го користат самиот медиум. Некои од нив се апсурдни, некои провокативни, а дел од нив се темелат на чист визуелен и звучен експеримент. Она што ги поврзува е авторската слобода и подготвеноста да ги нарушат очекувањата на гледачот. Таа програма ни се чинеше особено соодветна за отворањето на фестивалот, затоа што веднаш ја покажува разновидноста и неограничените можности на анимираниот филм.

Наместо церемонијата да заврши со сигурен и предвидлив избор, сакавме публиката уште првата вечер да се соочи со филмови што ќе ја изненадат, насмеат, збунат или предизвикаат на разговор. Себастијан лично и во својот неконвенционален стил ќе ја претстави програмата и ќе го објасни контекстот во кој таа настанала и патува низ различни фестивали.

Трн: BoomBar вашата нова програма годинава веднаш стартува со 36 филма во категоријата Млада публика. Зошто одлучивте токму млада публика да добие сопствена, посебна селекција веднаш од првото издание на овој формат?

Жарко: Програмата за млада публика ја подготвувавме подолго време. Кај нас анимацијата сè уште многу често автоматски се поврзува со филмови за деца, а парадоксално е што децата и младите ретко имаат можност да гледаат внимателно избрани кратки авторски филмови од различни кинематографии. Најголемиот дел од она што им е достапно доаѓа од комерцијалната долгометражна продукција и се темели врз веќе добро познати визуелни и наративни обрасци.

Со „Бумбар“ сакаме да им понудиме поинаква средба со анимираниот филм. Програмата е поделена во две возрасни категории, за деца над седум и за млади над дванаесет години, бидејќи станува збор за публика со различни интереси, искуства и начини на восприемање. Во селекцијата се вклучени 36 филмови со различни техники, теми и стилски пристапи, меѓу кои „The Night Boots“ на Пјер-Лик Гранжон, добитник на Кристалот во Анеси, „The Boy Who Erased Kisses“ на Радостина Нејкова и Фернандо Галрито, „Fire in My Pocket“ на Јанка Фајнер и српскиот „I Am Akiko“ на Дамир Романов. „Бумбар“ не се состои само од проекции.

Во соработка со „Еко-свест“ ќе бидат организирани работилници за флипбук, сценарио и продукција на краток анимиран филм со еколошка тематика. Сакаме младата публика да добие можност да види квалитетни филмови, но и непосредно да го запознае процесот на анимирање и создавање движење.

Трн: Студентската конкуренција годинава брои 31 филм – забележлив пораст. Дали тоа значи дека европските филмски школи сè повеќе го препознаваат Флипбук како вредна платформа за дипломски проекти?

Жарко: Бројот на пријавени и селектирани студентски филмови секако покажува дека фестивалот станува сè повидлив меѓу младите автори и европските филмски академии. Во првите години почесто самите ги баравме филмовите, ги следевме студентските продукции и воспоставувавме контакти со школите. Денес добиваме значително поголем број директни пријави од авторите и од нивните академии, а дел од филмовите стигнуваат до нас и преку препораките на автори што претходно учествувале на фестивалот.

Студентската конкуренција отсекогаш била една од најинтересните програми на „Флипбук“. Овие филмови се создаваат во средина во која младите автори, во соработка со своите ментори, можат да експериментираат со техниките, структурата и визуелниот пристап, без притисокот што подоцна го носат професионалната продукција, буџетите и строгите рокови. Поради тоа, во студентските филмови често се појавуваат најсвежите идеи и постапки што во следните години ќе станат дел од пошироката авторска продукција.

Годинава ќе бидат прикажани 31 филм, меѓу кои веќе наградуваниот „Floating“ на Јелена Милуновиќ, унгарските „The Last Drop“ на Ана Текеш, „Wish You Were Ear“ на Мирјана Балог и „My Good Boy“ на Сара Приорели, како и „Covet“ на македонската авторка Ива Ѓорѓиевска. За нас е важно студентскиот филм да не остане само завршен академски проект, туку да добие сопствен фестивалски живот, публика и можност за меѓународна видливост.

Трн: Најавувате дека полека ќе го откривате и годинешниот визуелен идентитет на фестивалот – кој стои зад дизајнот годинава, и има ли некоја конкретна идеја или инспирација зад него?

Жарко: Зад годинешниот визуелен идентитет стои Крсте Господиновски, кој како појдовна точка ги користи техниката и визуелните решенија што ги развива за својот нов експериментален анимиран филм „Диоген“. Станува збор за комбинирање стоп-анимација и тајмлапс на органски материјали, при што обликуваните форми се анимираат паралелно со нивното природно менување, сушење и распаѓање. Оваа постапка создава специфични текстури и форми во кои движењето не произлегува само од интервенцијата на аниматорот, туку и од промените што се случуваат во самиот материјал.

Спојот на рачна изработка, случајност и контролирана трансформација е пренесен и во визуелниот идентитет на фестивалот. Тој се развива низ повеќе варијации, наместо да биде сведен на еден постер, а различните форми постепено ги откриваме заедно со програмските селекции. Мислам дека ова решение добро соодветствува со карактерот на „Флипбук“, фестивал што отсекогаш се обидува да ја претстави разновидноста на аниматорските техники и авторите што експериментираат со материјата, движењето и можностите на медиумот. Истовремено, визуелниот идентитет е и прва најава за „Диоген“, филм на кој Крсте во моментов работи.

Трн: Насловот „Флипбук“ директно се повикува на најстарата, аналогна форма на анимација – рачно нацртани книшки чии страници, брзо прелистани, создаваат илузија на движење. Колку тој дух на рачна изработка сè уште е присутен во денешната, дигитална анимациска продукција што ја прикажувате?

Жарко: Без оглед на технолошкиот развој, основниот принцип на анимацијата останува ист: авторот го контролира односот меѓу две последователни слики и преку нив создава движење, ритам и траење. Компјутерот може значително да го олесни процесот, да овозможи побрза обработка или да создаде движења што порано биле технички многу сложени, но клучната авторска одлука и понатаму ја носи аниматорот. Но и во целосно дигиталната анимација постои силна занаетчиска компонента. Секој кадар е осмислен и обликуван, а секое движење бара чувство за ритам, тежина, линија, простор и време. Можеби денес раката почесто работи на графички таблет отколку на хартија, но непосредното соочување на авторот со секоја сцена и секоја следна слика не исчезнало.

Истовремено, во современата авторска продукција забележуваме силно присуство и повторно преоткривање на аналогните техники: цртеж, колаж, кукла, пластелин, сликање врз стакло, текстил, песок и различни комбинации на физички и дигитални постапки. На фестивалот годинава тоа ќе може непосредно да се види преку изложбата на кукли и сценографија од филмот „Winter in March“ на Наталија Мирзојан, како и преку работилницата на Томас Волда и Ивана Бошњак Волда, едни од најзначајните современи европски автори на куклена анимација.

Името „Флипбук“ го избравме токму затоа што во наједноставна форма ја содржи суштината на медиумот: неподвижните слики, поставени во внимателно избран редослед, почнуваат да се движат и да создаваат сопствен живот. Таа едноставна идеја останува присутна и во најсовремената дигитална анимација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс