Белата куќа лансираше „Трамп ТВ“ откако големите телевизии ја прекинаа заедничката покриеност

Новиот 24-часовен канал на Јутјуб започна со архивски снимки и говори на Доналд Трамп, во момент кога Си-Ен-Ен, Политико и Ем-Ес-Нау ја тужат администрацијата поради забраната за пристап до Белата куќа.
Photo: Shealah Craighead / White House

Белата куќа лансираше сопствен 24-часовен видеоканал на Јутјуб под името „Трамп ТВ: Есенцијалната станица“, само неколку дена откако администрацијата на Доналд Трамп им го одзеде пристапот до Белата куќа на новинарите од Си-Ен-Ен, Политико и Ем-Ес-Нау.

Потегот доаѓа во момент на ескалација на спорот меѓу Трамп и американските медиуми. Во знак на солидарност со трите забранети медиуми, Еј-Би-Си, Си-Би-Ес, Ен-Би-Си и Фокс њуз го прекинаа телевизискиот „pool“, односно системот во кој телевизиите ротираат и заеднички обезбедуваат снимки од претседателските настани.

„Трамп ТВ“ ќе емитува 24 часа

Каналот започна со емитување во понеделникот во 19 часот по американско време, со говор на Трамп од Маунт Рашмор од 3 јули. Белата куќа го претстави „Трамп ТВ“ како место каде што на едно место ќе бидат достапни најважните моменти од администрацијата, претседателските говори, најзначајните обраќања и други снимки.

Според најавата, програмата треба да се ажурира во реално време и да се емитува 24 часа дневно. Каналот е достапен преку официјалниот Јутјуб-канал на Белата куќа, а видеоприказот е вграден и на нејзината официјална интернет-страница. Засега не е сосема јасно во која мера каналот ќе пренесува директно настани во кои учествуваат Трамп и неговата администрација, а колкав дел од програмата ќе биде составен од архивски снимки.

Телевизиите ја прекинаа заедничката покриеност

Кризата започна откако Трамп им забрани на новинарите од Си-Ен-Ен, Политико и Ем-Ес-Нау да пристапуваат во комплексот на Белата куќа. Трите медиуми поднесоа тужба пред федералниот суд во Вашингтон, тврдејќи дека администрацијата ги прекршила нивните права според Првиот амандман на американскиот Устав, кој ја штити слободата на печатот, како и правото на соодветна постапка. Тие бараат судот да ја поништи забраната и да им го врати пристапот.

Во понеделникот, Еј-Би-Си, Си-Би-Ес, Ен-Би-Ес, Фокс њуз и Си-Ен-Ен објавија дека ја прекинуваат заедничката телевизиска покриеност на претседателските настани. Причината е поврзана со фактот што Си-Ен-Ен, како еден од членовите на телевизискиот „pool“, требаше да обезбеди снимки од претседателските активности.

Без тој систем, другите телевизии немаат автоматски пристап до заедничкиот видеосигнал од дел од настаните на претседателот.

Белата куќа против медиумите

Трамп ја оправда забраната со тврдењето дека трите медиуми објавуваат „лажни вести“ и негативно известуваат за него и неговата администрација. Администрацијата, пак, тврди дека не им забранува на медиумите да известуваат за Трамп, туку дека не е должна да им обезбедува посебен пристап до Белата куќа.

Потпретседателот Џеј-Ди Венс го бранеше потегот со аргумент дека администрацијата не е должна да им дава посебен пристап на медиуми кои, според неа, се занимаваат со пропаганда. Си-Ен-Ен, Политико и Ем-Ес-Нау, напротив, тврдат дека нивните новинари биле отстранети токму затоа што Белата куќа не била задоволна од нивното известување.

Во заедничката тужба тие предупредуваат дека владата не смее да одлучува кои медиуми ќе имаат пристап врз основа на тоа дали ѝ се допаѓа нивното известување.

Наместо телевизиски камери – директен канал од Белата куќа

Така, „Трамп ТВ“ се појави токму во момент кога традиционалниот систем на телевизиско покривање на претседателот е блокиран. Новиот канал овозможува Белата куќа директно да дистрибуира снимки од Трамп и неговата администрација, без тие прво да минуваат низ редакцискиот избор на независните телевизиски мрежи.

Првото емитување, сепак, не било директен пренос од актуелен настан, туку веќе снимен говор на Трамп од јули. Според американските медиуми, во првите часови каналот емитувал и други архивски материјали. Белата куќа со тоа добива директен дигитален канал до публиката, додека судот треба да одлучи дали забраната за пристап на Си-Ен-Ен, Политико и Ем-Ес-Нау е во согласност со американскиот Устав.

Случајот отвора пошироко прашање: кој треба да ја контролира сликата што јавноста ја добива за работата на американскиот претседател – самата администрација или независните медиуми кои ја следат?

е-Трн да боцка во твојот инбокс