Обвинети две фирми за јануарската несреќа во која загина работник во Охрид

ОЈО Охрид поднесе обвинителен предлог против две фирми и две одговорни лица. На 12 јануари, Кристијан Љушев паднал во необезбедено окно за лифт додека внесувал мебел во зграда во изградба.

Кристијан Љушев загина на 12 јануари откако падна во необезбедено окно за лифт. Според обвинителството, работел без договор и без обука за безбедност.

Основното јавно обвинителство во Охрид поднесе обвинителен предлог против две фирми и две одговорни лица по смртта на работникот Кристијан Љушев. Едната фирма била инвеститор на зградата во изградба во која се случила несреќата, а другата го ангажирала Љушев како помошник-монтер.

Утрото на 12 јануари, Љушев и уште тројца работници внесувале мебел во зградата. Според обвинителството, кога стигнале на четвртиот кат, Љушев се сопнал од кофа оставена во ходникот, изгубил рамнотежа и паднал низ окното за лифт до подрумот. Починал на самото место.

Окното и скалите биле без заштитни огради

Според обвинителството, одговорното лице кај инвеститорот не поставило заштитни огради на окното за лифт и на скалите. Влезот во зградата не бил обезбеден од неовластен пристап, а на градилиштето имало шут и отпад.

Обвинителниот предлог ги опфаќа и фирмата што ги ангажирала работниците и нејзиниот управител. Според ОЈО, Љушев работел непријавен, без договор за вработување, без здравствен преглед и без основна обука за безбедност и здравје при работа. Работниците добиле устен налог да внесат мебел во зградата, без претходен увид и процена на ризикот, а Љушев не добил упатства за работа во услови на зголемена опасност.

Обвинителството побарало од Основниот суд во Охрид да им забрани статусни промени на двете фирми додека трае постапката.

Пешевски: најмногу работници загинуваат во градежништвото

Во интервју за „Трн“, кое ќе биде објавено наскоро, Иван Пешевски од Сојузот на синдикатите на Македонија зборува за безбедноста при работа. Тој вели дека годишно во Македонија има меѓу 20 и 25 повреди на работа со смртен исход.


„Најголемиот дел од нив се токму во градежништвото. Статистички имаме преку две илјади повреди на работните места годишно во Македонија од сите дејности, што кажува дека на дневно ниво по повеќе работници се повредуваат на своето работно место“, вели Пешевски за „Трн“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс