Здравствените власти на Јужна Кореја го пријавија првиот случај на колера во земјата во последните 10 години. Тие ги повикаа граѓаните да бидат внимателни и да користат исправна и чиста вода за пиење, подготовка на храна и миење.
Од корејската агенција за контрола и превенција на болести соопштија дека колерата е потврдена со лабораториски наоди кај едно лице, кое на почетокот на месецов барало помош во итните служби на пристанишниот град Чангвон.
Пациентот имал симптоми на повраќање и дијареја, а по опоравувањето е пуштен од болница. Здравствените власти не го објавија идентитетот на лицето, но потврдија дека во изминатите два месеца не патувал надвор од земјата. Властите сега се обидуваат да утврдат каде лицето се заразило и со кого контактирало, со цел да се утврди изворот на заразата и да се спречи ширење на болеста.
Последниот случај на колера во Јужна Кореја беше регистиран во 2016 година кога беа откриени три случаи за кои се верува дека настанале поради јадење на контаминирани морски плодови. Претходната поголема епидемија на колера во Јужна Кореја беше регистриана во 2001 година со над 162 заразени.
Колерата претставува актуна цревна заразна болест која најчесто се пренесува преку вода и храна контаминирана со бактеријата Vibrio cholerae. Заразата може да се пренесе и во контакт со столица од заразено лице.
Најчестиот симптом е дијареја, но може да се појават и повраќање и нагло губење на течности. Во потешките случаи болеста може да предизвика сериозна дехидратација и шок, а без навремено лечење може да резултира и со смрт.
Властите во Јужна Кореја ги советуваат граѓаните да пијат само здравствено исправна вода, да јадат термички обработена храна и да ги мијат овошјето и зеленчукот, а доколку некој има симптоми веднаш да се тестира.
