Трн: „Југо оди во Америка“ на прв поглед звучи како забавна приказна за еден автомобил, но зад тоа патување стојат Југославија, Америка, идентитетот и генерациското наследство. Како дојде до тоа „југо“ да биде многу повеќе од главниот лик во филмот?
Филип: „Југо“ е многу повеќе од автомобил. Тоа е цел спој од најлуди емоции, сеќавања, приказни, надежи, подеми и падови на четири тркала и тоа прилично мали четири тркала. Кога почнавме да го работиме филмот, не можевме ниту да претпоставиме колку ќе ни значи „југо“, ниту дека ќе има толкав интерес на фестивалите во регионот, но и во Европа, Америка, Азија и Африка не само за нашиот филм, туку и за самиот автомобил.
Како луѓето преку „југо“ да ја проектираат својата потреба за некои поедноставни, поспори, би рекол и похумани времиња. Затоа што „југо“ е симбол на автомобил што обичниот човек можел да си го дозволи без да влезе во крвави кредити што нè туркаат во депресија. Нехумано е ова време во кое живееме, а „југо“ нè потсетува дека нешто можело да биде поинаку односно, дека можело да се живее поинаку. Дали може и понатаму тоа е прашањето.

Трн: „Југо оди во Америка“ е road movie, но и филм за една исчезната земја. Дали патувањето на Запад на крајот ве врати на Балканот?
Филип: Секое патување на крајот те враќа дома, и тоа е и најубавата и најлошата работа кај патувањето. Патувањето ни покажа и две лица на Балканот, но и две лица на Америка. Ни покажа каде сме напредни во однос на таа голема земја, ни покажа дека треба да бидеме исклучително горди на нашето социјалистичко наследство, кое поради ужасната политика на овие простори сè повеќе се губи, иако би требало да го негуваме.
А ние, сосема погрешно, се обидуваме да го задушиме сето добро што произлегло од системот од кој настанало и „југо“. Замислете денес една од државите на поранешна Југославија да има капацитет да произведе автомобил за народот. Тоа би било рамно на чудо.
Трн: Како ви изгледаше „Југо иде во Америка“ кога првпат го гледавте со македонската публика на „МакеДокс“? Како го доживеа оваа публика?
Аки, снимателот на звук и актер во филмот, го претставуваше филмот во Скопје и следното утро возбудено ми се јави за да ми каже колку убаво го дочекала македонската публика. Со насмевка, со срдечност каква што Скопје секогаш ја има во себе. Ретко каде сум си поминал толку убаво, во неколку наврати, како во Скопје. Навистина посебно место и ужасно ми е драго што филмот имаше можност да биде прикажан на „МакеДокс“.
Би ја искористил оваа прилика и да ја поканам публиката да го погледне на редовниот репертоар во „Синеплекс“. Мислам дека прикажувањето започна на 3 септември, па кој немал можност да го погледне, со задоволство го очекуваме!

Трн: Во Ниш овие денови го прикажавте филмот на генерација родена во деведесеттите, додека улиците на градот се исполнети со студенти кои бараат промени. Дали во таа млада генерација препознавте нешто од генерацијата што тргна на пат во „Југо“ – потреба да го преиспита светот што го наследила и да најде сопствен пат?
Филип: Но да, промени не бараат само студентите, промени бараме сите и се надевам дека сите ќе ги дочекаме. Само се надевам дека промените, кои еден ден неминовно ќе дојдат, ќе нè одведат во подобар правец.

Трн: И едно малку безобразно прашање за крај: по 10.000 километри во „југо“, дали сè уште мислите дека е лош автомобил или веќе сте емотивно компромитиран?
Филип: „Југо“ е автомобил што нè однесе на места на кои ниту еден друг автомобил не можеше да нè однесе. Автомобил поради кој запознавме пријатели. И поради кој, барем за момент, заборавивме дека сме смртни, затоа што времето, низ сите тие дефекти, се забави.
Така што, што се однесува до мене, јас сум целосно емотивно компромитиран.
Но „југо“ е, за мене, автомобилот во кој ги доживеав некои од најубавите моменти во животот.