Грчката држава воведува финансиски стимулации за семејства кои ќе се преселат во пограничните и демографски загрозени подрачја. Помошта може да достигне до 10.000 евра, а платформата преку која ќе се поднесуваат барањата треба да биде отворена во октомври. Програмата е дел од поширока политика за демографски развој и зајакнување на населеноста во пограничните региони на Грција, каде што со години се соочуваат со намалување на бројот на жители.
Мерката веќе започна да се применува во регионот Еврос, во североисточниот дел на земјата, кој се граничи со Бугарија и Турција, а сега е предвидено нејзино проширување. Министерката за социјална кохезија и семејство Домна Михаилиду најави дека во октомври ќе биде пуштена во употреба посебна електронска платформа за заинтересираните семејства.
„Во октомври ја отвораме платформата и ќе обезбедиме до 10.000 евра за преселба на семејства во пограничните области“, изјави Михаилиду за телевизијата Антена. Мерката не е наменета само за семејства кои веќе живеат во Грција. Според најавата, можност за користење на програмата ќе имаат и грчки државјани кои живеат во странство, а сакаат да се вратат во земјата и да се населат во овие подрачја.
Посебен пример е островот Кастелоризо, кој се наоѓа во југоисточниот дел на Егејското Море, непосредно до турскиот брег. За лицата кои ќе одлучат да се населат таму е предвидена годишна финансиска поддршка од 5.000 евра. Семејствата со деца би добивале и дополнителни 1.000 евра за секое дете.
Покрај директната финансиска помош, планот предвидува и подобрување на условите за живот во малите и оддалечени места. На Кастелоризо се планираат градинка и училиште, а државата најавува и дополнителни стимулации за професии кои се особено потребни во овие средини, меѓу кои и лекарите.
Со програмата грчките власти се обидуваат да го ублажат демографскиот пад и да привлечат нови жители во областите каде што малото население претставува економски и социјален предизвик.