Што се случи со Нацистите по втората светска војна?

Пред 81 година започна судењето на највисоките функционери на нацистичкиот режим. Дванаесетмина беа осудени на смрт, а процесите поставија темели за современото меѓународно кривично право.

На 20 ноември 1945 година, само неколку месеци по завршувањето на Втората светска војна, започна едно од најзначајните судења во современата историја. Во Нирнберг, пред меѓународен воен суд, одговараа највисоките функционери на нацистичкиот режим, обвинети за воени злосторства, злосторства против човештвото и злосторства против мирот. Сојузничките сили – САД, Велика Британија, Советскиот Сојуз и Франција – го организираа судењето со цел да се утврди индивидуалната одговорност на луѓето што го планирале и спроведувале нацистичкиот терор и воената агресија.

Нирнберг не бил избран случајно. Градот имал силно симболично значење за нацистичкиот режим, бидејќи таму се одржувале големите партиски собири и биле донесени расните закони во 1935 година. Истовремено, бил релативно помалку разурнат од другите германски градови, па можел да биде домаќин на судењето.

Првото судење: 24 нацистички функционери пред меѓународен суд

Главниот Нирнбершки процес траел од 20 ноември 1945 до 1 октомври 1946 година. Пред Меѓународниот воен суд биле изведени 24 високи нацистички функционери, меѓу кои Херман Геринг, Рудолф Хес, Вилхелм Кајтел и Алберт Шпер. Обвиненијата се однесувале на заговор за водење агресивна војна, злосторства против мирот, воени злосторства и злосторства против човештвото. Станувало збор за одговорност за планирање и водење војни, масовни убиства, геноцид, прогон на цивили и малтретирање воени заробеници.

Од 24 обвинети, 12 биле осудени на смрт со бесење. Меѓу нив бил и Херман Геринг, еден од највлијателните луѓе во нацистичката хиерархија, кој извршил самоубиство со цијанид ноќта пред извршувањето на казната. Тројца биле ослободени, а останатите добиле затворски казни.

Алберт Шпер бил осуден на 20 години затвор, Рудолф Хес на доживотен затвор, а поранешниот адмирал на германската воена морнарица Карл Дениц на 10 години. Ерих Редер, исто така поранешен адмирал, добил доживотна казна. Значењето на процесот не било само во казнувањето на поединците. За првпат на толку високо меѓународно ниво било утврдено дека државните функционери и воените команданти можат лично да одговараат за злосторства извршени во име на државата.

Дванаесет дополнителни судења за злосторствата на режимот

По главниот процес следувале уште 12 судења, познати како последователни Нирнбершки процеси. На нив одговарале функционери од различни делови на нацистичкиот апарат, воени команданти, членови на СС и Гестапо, индустријалци што соработувале со режимот и лекари вклучени во злосторства врз затворениците. Особено значајно било судењето на лекарите, во кое биле процесуирани медицински работници одговорни за нехумани експерименти врз затвореници во концентрационите логори. Во нив биле тестирани лекови и методи на лекување без согласност и со директно загрозување на животите на луѓето.

Овие процеси помогнале да се утврди дека одговорноста за нацистичките злосторства не завршувала кај највисокото политичко раководство, туку се протегала и врз оние што ги спроведувале наредбите и активно учествувале во системот на насилство.

Правните дилеми и наследството на Нирнберг

Судењата биле историски преседан, но предизвикале и сериозни правни дебати. Едно од главните прашања било дали обвинетите се судат според правила што биле доволно јасно утврдени во времето кога биле извршени злосторствата. Критичарите ја проблематизирале ретроактивната примена на правото, додека поддржувачите на процесите нагласувале дека масовните злосторства не смеат да останат неказнети само затоа што нивните сторители се повикувале на државни наредби.

Нирнбершките процеси оставиле трајно наследство во меѓународното право. Принципот дека поединците, вклучително и највисоките државни и воени функционери, можат да одговараат за меѓународни злосторства станал важна основа за подоцнежните меѓународни судења.


Тие влијаеле и врз развојот на меѓународното кривично право, како и врз работата на подоцнежните меѓународни трибунали. Меѓународниот кривичен суд, основан со Римскиот статут и започнат со работа во 2002 година, претставува дел од подоцнежниот развој на системот за гонење на најтешките меѓународни злосторства. Нирнберг останува пресвртница во обидот да се воспостави принципот дека ниту политичката моќ, ниту воената функција, ниту повикувањето на наредби не можат да ја избришат личната одговорност за злосторства.

е-Трн да боцка во твојот инбокс