Полска утрово издаде предупредување за воздушна опасност во делови од Лублинското и Поткарпатското Војводство, откако се појавија сомнежи дека неидентификувани летала го нарушиле воздушниот простор на земјата. Во близина на границата со Украина е пријавена силна експлозија, но засега не е официјално потврдено што ја предизвикало.
Центарот за државна безбедност ги повика жителите да најдат безбедно место, да ги следат упатствата на надлежните служби и да ги очекуваат следните известувања.
Според полскиот портал за одбрана и безбедност „Дифенс24“, постои сомнеж дека проектил или борбен дрон погодил полска територија во близина на местото Чмјелец, на истокот на земјата, на околу 46 километри од украинската граница. На социјалните мрежи се шират снимки од надзорни камери на кои се гледа силна експлозија околу 6:35 часот по локално време. Видот и потеклото на леталото, како и причината за експлозијата, сè уште не се официјално утврдени.
Властите проверуваат дали е нарушен воздушниот простор
Оперативната команда на полските вооружени сили и надлежните институции ги истражуваат пријавите за неидентификувани летечки објекти. Во тек е проверка на радарските записи за да се утврди дали навистина дошло до нарушување на воздушниот простор. Предупредувањето се однесува на повеќе окрузи во двете војводства, меѓу кои Лублин, Замошч, Хелм, Жешов, Пшемишл, Санок и Кросно, објави полската новинска агенција ПАП.
Во известувањето до граѓаните се наведува дека треба да ги следат официјалните соопштенија и упатствата на надлежните органи. Дополнителни информации ќе бидат објавени по завршувањето на проверките и потврдувањето на околностите.
Прекинати летовите на аеродромот во Жешов
Полската агенција за воздушна пловидба (ПАНСА) соопшти дека поради активностите на воената авијација е запрен воздушниот сообраќај на аеродромот во Жешов. Засега нема официјална потврда дека експлозијата е предизвикана од руски проектил или дрон. Предупредувањето и проверките се случуваат во време на голем руски ракетен напад врз соседна Украина.
