Странски ловци од балканските земји масовно објавуваат фотографии со застрелани капитални елени во македонските шуми, објави „48 часа“. Новите објави доаѓаат непосредно по скандалот во Националниот парк „Маврово“, каде група шпански ловци беа снимени како застрелуваат дивокози. Иако социјалните мрежи се преплавени со вакви трофеи, надлежните државни институции сè уште не соопштуваат детали за тоа кој ги издава овие ловечки дозволи и колкав е обемот на отстрел на крупен дивеч во земјава.
На социјалните мрежи деновиве се појавија сведоштва и фотографии од странски ловци кои доаѓаат во Македонија на лов на крупен дивеч.
Во една од јавните објави на Фејсбук, ловец од соседството објави фотографија со застрелан елен со порака дека тоа е неговиот „прв крал на шумата“ и момент што ќе го памети цел живот. Ваквите објави во јавноста отвораат сомнежи дека земјава функционира како отворена дестинација за евтин и неконтролиран ловечки туризам.

Ова не е изолиран инцидент во македонските ловишта. Пред само неколку дена во јавноста излегоа снимки на шпански ловци во Националниот парк „Маврово“. На материјалите се гледаше отстрел на дивокози, но и бизарен ритуал во кој странските гости пијат крв од застреланите животни.
Управата на Националниот парк тогаш излезе со став дека се работи за санитарен отстрел во рамките на редовна програма за одгледување дивеч. Објаснувањето не ја смири јавноста, особено поради фактот што комерцијални агенции нудат вакви тури во заштитени природни зони.
Додека странските државјани слободно се фалат со уловените животни, изостанува институционална транспарентност. Ниту Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, ниту Државниот инспекторат за шумарство и ловство немаат соопштено точни бројки.
Останува неодговорено колку странски државјани добиле дозволи за лов годинава, кои ловишта се отстапени на концесионери и дали некој на терен контролира дали се пука кон заштитен или санитарен дивеч.