Разговорот го водеше: Васко Лазаревски
Песната „Ајде да летаме“ ја пеат неколку генерации. Речиси и да нема човек во Македонија кој не ги знае нејзините рефрени, а името Новоградска со децении е синоним за специфичен музички печат. Сепак, ликот на човекот кој ја создаде оваа безвременска мелодија на само 13 години — и кој подоцна го потпиша звукот на некои од најзначајните македонски и меѓународни филмови — за пошироката јавност остана зад гемијата.
Игор Василев Новоградска е автор чиј творечки пат се движи од скопските пост-панк корени и алтернативната сцена, преку антологиската електронска верзија со Каролина Гочева, па сѐ до филмските партитури за Милчо Манчевски и проектите кои патуваат низ фестивалите во Венеција, Санденс и Берлин. Неговиот пристап е таков: наместо да биде во центарот на вниманието, тој избра неговата музика да го говори она што зборовите не можат.
Во ова интервју, ѕирнуваме зад името „Новоградска“. Разговараме за раѓањето на „Ајде да летаме“, за вистинската и мрачна поезија во текстот, за односот меѓу театарот, филмот и звукот, но и за тоа како се зачувува детската љубопитност во свет кој бара постојано повторување.
Трн: Пред околу три недели на Трн ја објавивме приказната за „Ајде да летаме“ и за многу кратко време добивме околу 3000 позитивни реакции, што зборува дека публиката сѐ уште ја сака песната. Зошто токму оваа песна се претвори во нешто што ќе преживее три децении?
Игор: Мене сè уште ме фасцинира тоа, песната ја пеат и изведуваат нови генерации и тоа секако дека ми е многу драго. Јас ја направив музиката кога имав само 13 години и тогаш воопшто не размислував дали песната ќе преживее триесет години. Таа беше песна многу повеќе врзана со атмосферата на Скопје во тоа време отколку со некаква амбиција да направам „хит“. Можеби стана хит баш затоа што во неа се сретнаа неколку работи што на прв поглед не би требало да функционираат заедно. Се сеќавам кога првпат ја донесов на проба да ја вежбаме, веднаш се почувствува дека имаме нешто. Откога го снимивме демото во 1994-та, многу бргу стана една од омилените и највртените македонски песни на Канал 103.
Текстот го напиша мојот постар брат Кирил Василев. Јас инсистирав текстот да го напише тој затоа што сакав во песните да имам вистинска поезија. Не сакав текст кој само ќе ја пополнува мелодијата. Текстот е прилично мрачен. Има антихероинска содржина и се однесува на времето кога во Скопје почна поинтензивно да навлегува дрогата. Во него ја има и сликата со „отровните нектари што крадат стас“, што денес можеби звучи поетски и апстрактно, а тогаш за нас беше многу реална атмосфера. Но, секоја генерација може да ја слушне на свој начин, можеби токму затоа успеа да излезе од своето време.
Трн: Беше тешко да се најде кога првпат е испеана „Ајде да летаме“ — интернет дава скудни и спротивставени информации и се забележува дека македонската музика нема систематизирана историја која е лесно достапна и веродостојна. Раскажи ни го накратко патот на песната и нејзините инкарнации. Како дојде до тоа песната да ја испее Каролина, веројатно најголемата македонска поп-ѕвезда?
Игор: Песната првично настана како пост-панк нумера во раните деведесетти. Тогаш ја изведував со мојот состав Балкан Експрес и во еден момент, мене почнаа повеќе да ме интересираат други видови музика и се преориентирав на правење електронска, класична и наменска музика.
Во 2000-та година, при една денска дружба со ПМГ во Аквадро, се појави идејата да се направи нова верзија на „Ајде да летаме“. Ме прашаа во тој случај кој би ја пеел. Јас веднаш кажав Каролина Гочева затоа што препознав дека баш тој ангелски глас би бил идеален за новата електронска денс верзија. И тука, според мене, се случи нешто интересно. Каролина тогаш веќе беше добро етаблирана поп-ѕвезда, додека јас доаѓав од сосема алтернативен, андерграунд контекст. Таа комбинација сама по себе беше малку субверзивна.
Влеговме во студиото на Бодан Арсовски од „Леб и сол“. Тоа беше на почеток на јуни 2000-та година. Јас го направив аранжманот. На мое огромно задоволство, Каролина прифати да ја отпее и уште еднаш се почувствува дека тука имаме и те како нешто. Каролина ѝ донесе сосема нов живот на мелодијата. Нејзината интерпретација е многу чиста, прецизна и без никаков вишок, а во исто време има свежина. Јас, од друга страна, сакав аранжманот да звучи модерно и големо, на начин што тогаш можеби не се очекуваше од македонската продукција. Мирко Попов инсистираше да се направи и подолга верзија со подолго интро и аутро која тој и другите диџеи ќе може да ја пуштаат и миксаат со другите плочи.
Двете верзии ги извадивме од студио на 21-ви јуни 2000-та и за многу кратко време песната стана апсолутен хит, и во мејнстрим, но и во алтернативните кругови.
Разговорот со Игор Василев Новоградска
Трн: Колку ти е денес близок тој Игор Василев од времето кога ја создававте „Ајде да летаме“?
Игор: Добро прашање. Иако сум прилично различен човек и автор денес, тој Игор ме има научено многу за музиката, како посветено и опсесивно да ја слушам, анализирам и свирам. Денес зад себе имам многу повеќе искуство, но понекогаш токму тоа искуство може да те направи премногу внимателен. Затоа ми е важно да го задржам во себе тој помлад, љубопитен Игор, подготвен да проба нешто без да знае однапред каде ќе го однесе звукот.
Трн: Работеше со Милчо Манчевски на повеќе проекти, од „Мајки“ до „Врба“, „Кајмак“ и поновите филмови. Како опстојува толку долго вашата соработка?
Игор: Мислам дека се темели на повеќе работи. На тоа што никогаш не престануваме креативно да разговараме за музиката и за другите аспекти на филмот, успешно реализираните проекти, од каде доаѓа и довербата.
Со Милчо секогаш постои јасна визија за филмот, но истовремено има огромен простор за креативност и експериментирање. Кога работиш со некого толку долго, со текот на времето почнуваш да го разбираш и она што не е кажано со зборови. Но, тоа не значи дека работата станува автоматска. Напротив, секој нов филм што го работам со него бара нов јазик.
Тоа е веројатно и причината поради која една долга соработка може да остане интересна, иако секој проект повторно те тера да почнеш од почеток.

Трн: Колку добрата филмска музика треба да се слуша, а колку да остане речиси невидлива?
Игор: Зависи од филмот и од сцената. Понекогаш музиката треба да биде многу присутна и гледачот да ја почувствува речиси физички. Во друга прилика најдобрата работа што можеш да ја направиш е да се повлечеш.
За мене добрата филмска музика не е нужно онаа што најмногу се забележува, туку онаа без која сцената би била поинаква, понеуверлива.
Има моменти кога музиката треба да ти каже нешто. Но, има и моменти кога треба само да те натера да почувствуваш нешто, без да знаеш зошто, како најава, или да те стави во состојба на очекување.
Трн: Работеше и на „Sisterhood“, „Housekeeping for Beginners“ и „Against the Tide“, филмови со значаен меѓународен фестивалски живот. Дали меѓународниот контекст го менува начинот на кој размислувате како композитор?
Игор: Меѓународниот контекст секако ми го проширува погледот. Кога работам на филмови кои патуваат низ различни земји и фестивали, а повеќето се такви, станувам свесен за одговорноста за квалитетот што треба да го носи мојата работа.
Но, мислам дека повеќе ми го менува начинот на кој размислувам искуството кога работам со различни луѓе и различни културни контексти, отколку самиот факт што филмот ќе оди на фестивал. Кога работиш на филм од друга земја, многу брзо сфаќаш дека музиката има еден универзален јазик, но и дека секоја култура има свој начин на чувствување, свој ритам и своја тишина.
Во последните години работев на филмови кои доаѓаат од многу различни средини: Словенија, Чешка, САД, Грција, Индија, Македонија… И секој од тие филмови бара сосема различен начин на размислување.
На пример, словенечкиот филм ми носи еден вид социјална драма и специфична атмосфера на тој простор. „Bikini Moon“ е американски, лажен документарен филм, снимен во Њујорк, со приказна за американска воена ветеранка која се соочува со сериозни психолошки проблеми. Тоа е сосема друг свет, друг карактер и друга драматургија. Потоа доаѓа грчкиот „The Boy with the Light-Blue Eyes“, со својот медитерански и интимен контекст, па „Against the Tide“, кој е индиски документарен филм и ме внесе во една целосно поинаква културна и човечка средина.
Мене токму тоа ми е возбудливо, да можам да „пливам“ меѓу тие светови без однапред да им наметнувам еден ист музички јазик.
Не сакам словенечкиот филм да звучи како американски филм, ниту американскиот како македонски филм. Секој филм треба да има свој идентитет. Понекогаш тој идентитет се наоѓа во мелодијата, понекогаш во бојата на звукот, понекогаш во оркестрацијата, а понекогаш и во нешто многу минимално.
Трн: Покрај филмот, си пишувал музика и за театар: „Дракула“, „Оливер Твист“, „Стариот завет“. Колку различен е тој ракав од филмската музика? Пишуваш ли поинаку кога знаеш дека музиката ќе живее во сала, во живо, наспроти на екран?
Игор: Да, разликата е голема. Во театарот музиката живее во истиот физички простор со актерите и публиката. Имаш енергија од сцената која не можеш целосно да ја предвидиш кога работиш во студио.
Во филмот можеш многу прецизно да ја темпираш музиката со монтажата. Во театарот мора да размислуваш и за живиот тек на претставата, за актерите, сценографијата, движењето и публиката.
Мене ми е интересно токму тоа што музиката во двата медиуми има различна функција, иако основата е иста – раскажување или поддржување на приказната преку звук.
Трн: Твојата биографија покажува огромен жанровски распон: филм, театар, телевизија, реклами. Постои ли „звук на Новоградска“ што се провлекува низ сите тие различни форми?
Игор: Можеби постои, но не би сакал јас да го дефинирам премногу конкретно. Ако почнеш свесно да го повторуваш сопствениот звук, лесно можеш да станеш своја копија. Веројатно има некои работи што несвесно ги повторувам. Секако имам свој сензибилитет и тоа е мојот личен творечки печат.
За мене „звук на Новоградска“ повеќе значи љубопитност отколку конкретен жанр. Сакам да можам да се движам од акустичен инструмент до електроника, од мелодија до чист звук, од интимна камерна музика до голем оркестар.

Трн: НОВОГРАДСКА наместо староградска?
Игор: Можеби и тоа е добра метафора. Староградската музика е поврзана со традиција и нешто што веќе постои. „Новоградска“ би можела да биде музиката што допрва се создава.
Името настана одамна, но денес ми се допаѓа токму поради таа двојност – нешто што звучи познато, но сепак сака да биде ново.
Трн: Што повеќе ве возбудува денес: да напишете совршена мелодија или да најдете звук што никогаш претходно не сте го користеле?
Игор: И двете, но во последните години сè повеќе ме привлекува звукот.
Мелодијата е нешто што отсекогаш ме возбудувало и мислам дека силната мелодија никогаш нема да излезе од мода. Но, денес имаме огромен свет на звуци што можеме да ги создадеме, обработиме и комбинираме.
Понекогаш еден звук може да инспирира цела композиција. Ме интересира тој момент кога не знаеш точно што слушаш, но чувствуваш дека припаѓа токму таму.
Трн: Колку Скопје е присутно во твојата музика, дури и кога пишуваш за филм што нема никаква врска со Скопје?
Игор: Веројатно повеќе отколку што сум свесен. Музиката не се создава во вакуум. Сè што сум слушал, местата на кои сум живеел, луѓето што сум ги сретнал, улиците по кои сум одел, на некој начин оставиле трага во мене.
Скопје е град со многу различни слоеви и контрасти. Тоа ми е интересно и музички. Јас сум роден во стариот дел на Скопје каде што паралелно живеат различни култури и тоа секако има влијание врз мојот развој како автор.
Трн: Дали денес во Македонија постои сцена што може да произведе нова „Ајде да летаме“, песна која ќе остане свежа за повеќе генерации?
Игор: Можеби следната „Ајде да летаме“ веќе постои, само сè уште не знаеме дека ќе стане таква.