Поштар од БиХ ги украде пензиите и замина на Тајланд, уапсен при враќањето

По две недели поминати во Бангкок, Стипе од Чапљина заврши со лисици на рацете кога се обиде да се врати дома.

Полицијата во Босна и Херцеговина вчера го уапси поштарот Стипе Јукиќ на граничниот премин Бијача, откако на почетокот на септември исчезна заедно со парите наменети за исплата на пензии во Чапљина. Наместо да ги подели пензиите во населбата Вишиќи, поштарот со службените пари замина на одмор на Тајланд, каде објавуваше видеоснимки на социјалните мрежи.

Случајот започна на 7 септември, кога мајката на поштарот го пријавила неговото исчезнување во полициската станица во Чапљина бидејќи два дена немала контакт со него. Оперативната истрага брзо утврди дека службеникот на 5 септември со сопственото возило заминал за Мостар.

@novifosil #khaosanroad #thailand🇹🇭 #ladygaga #pkuket🇹🇭 #coffeetiktok ♬ izvorni zvuk – 444dvanaest

Таму во еден хотел беа пронајдени неговиот автомобил и мобилниот телефон, оставени со цел да се сокријат трагите. Наместо локална потрага по исчезнато лице, полицијата откри дека Јукиќ истиот ден заминал на аеродромот во Сараево, од каде се качил на лет за Бангкок.

Парите што ги зел со себе биле наменети за пензионерите во населбата Вишиќи, каде тој редовно ги доставувал месечните примања. Додека надлежните институции утврдуваа колку точно илјади евра недостасуваат од поштенската каса, на социјалните мрежи се појавија снимки на кои се гледа како поштарот ужива на плажите во Југоисточна Азија.

Видеото брзо стана вирално во регионот, по што полицијата распиша централна потерница поради сомневање за тешка проневера на службени средства.

Егзотичниот одмор заврши вчера попладне кога Јукиќ се појави на меѓународниот копнен премин Бијача, обидувајќи се повторно да влезе во Босна и Херцеговина. Граничната полиција веднаш го идентификуваше и го лиши од слобода, по што го предаде на инспекторите од полициската управа во Чапљина.

За случајот е известен надлежниот јавен обвинител во Мостар, а поштарот сега се соочува со кривична одговорност за проневера и злоупотреба на службената положба.

е-Трн да боцка во твојот инбокс