14.000 деца биле убиени во војните минатата година

Речиси 589 милиони деца живееле во зони на конфликти во 2025 година, што е највисока бројка досега. Повеќе од 14.000 деца биле убиени или ранети, покажува извештај на „Спасете ги децата“.

Речиси секое четврто дете во светот живее во подрачје погодено од војна или вооружен конфликт, што е највисока бројка досега, покажува извештајот на организацијата „Спасете ги децата“ (Save the Children). Според извештајот „Запрете ја војната против децата“, во текот на 2025 година во конфликтни подрачја живееле околу 589 милиони деца, пренесува германската новинска агенција ДПА.

Дури 44 проценти од децата што живеат во подрачја погодени од конфликти се во Африка. Уделот на африканските деца што живеат во такви региони повеќе од трипати се зголемил во периодот од 2010 до 2025 година. Значително е зголемен и бројот на деца погодени од конфликти на Блискиот Исток, особено во Палестина, Либан и Јемен. Нивниот број се зголемил од околу 52 милиони во 2024 година на 67 милиони во 2025 година.

Повеќе од 14.000 деца убиени или ранети

Според извештајот, во текот на минатата година во вооружени конфликти биле убиени или ранети 14.224 деца. Станува збор само за потврдени случаи, што значи дека реалниот број на жртви е поголем. Потврдени се и 6.576 случаи на регрутирање малолетници и нивно искористување во вооружени конфликти.


Најмногу вакви случаи биле регистрирани во Демократска Република Конго, каде што биле погодени 1.397 деца. Следуваат Нигерија, Хаити и Сомалија. Организацијата „Спасете ги децата“ е основана во 1919 година од британската хуманитарка Еглантајн Џеб, откако таа сведочела на страдањата на децата за време на Првата светска војна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс