Една реченица од филозофијата на Албер Ками стана речиси мем на Тик-ток. „Сизиф треба да го замислиме среќен“ се повторува толку често на платформата што и оние што никогаш не ја отвориле книгата знаат дека станува збор за човек кој вечно турка карпа нагоре по ридот.
Под ознаката #philosophytok, млади луѓе денес снимаат кратки видеа за Ниче, Кафка и стоиците, а подкастите за филозофија сè поотворено се насочуваат кон новите генерации. Таков е примерот со „Овертинк“ (Overthink), подкаст наменет пред сè за миленијалците и генерацијата З. Овој четврток, 19 ноември, се одбележува Светскиот ден на филозофијата, кој УНЕСКО го востанови во 2002 година и го посвети на третиот четврток во ноември. Затоа, ова е добар момент да се запрашаме каде младите денес ги поставуваат големите прашања.
Мислењата за овој тренд се поделени. Критичарите предупредуваат дека самата структура на Тик-ток поттикнува површна интелектуалност, па од филозофијата на крајот останува само цитат врз музичка подлога. Други, пак, во тоа гледаат демократизација на знаењето. Една средношколка, која и самата создава филозофски содржини, пишува дека оваа заедница е место каде што секој може да навлезе во филозофијата, без оглед на своето образование. Двете страни, всушност, се согласуваат во едно: интересот постои, а прашањето е дали некој ќе го претвори во знаење.
Кај нас ова прашање доби непријатно конкретна форма во јануари 2025 година. Тогаш нацрт-концепцијата за гимназиското образование предвидуваше филозофијата да стане изборен предмет во трета и четврта година, додека етиката и логиката не беа вклучени во ниту една листа на предмети. Реакцијата беше брза. Триесет и еден професор по филозофија, етика и логика од гимназиите низ земјава упатија отворено писмо до Владата, а професори од Институтот за филозофија на средба со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова изразија категорично противење. Министерката Весна Јаневска одговори дека предметите не се укинуваат, туку дека етиката и логиката се дел од филозофијата и дека документот е само нацрт, отворен за промени.
Еден од најгласните противници на предложените промени тогаш беше професорот Трајче Серафимовски од СУГС „Георги Димитров“. Во разговор објавен на ТРН, тој вели:
„Нема човечко суштество кое во себе не носи филозофија“.
Според него, гимназијата постои за да изгради здраво човечко суштество, па затоа филозофијата е првиот предмет во гимназиското образование. Неговата теза добива нова тежина кога ќе се погледне алгоритмот. Ако филозофијата е во секој човек, младите ќе ја бараат таму каде што можат да ја најдат, со учител или без него.
Колку филозофијата може да биде блиска и до популарната култура објаснуваат и организаторите на Филозофскиот филмски фестивал. Координаторот Андреј Медиќ Лазаревски, размислувајќи какви филмови би снимале големите мислители, за Сократ вели:
“Tоа би бил филм кој не би бил снимен, но кој би бил многу зборуван“. Тешко е да се најде подобар опис за ерата на Тик-ток.
Медиќ го посочи Дизниевиот филм „Инсајд аут“ како одличен начин за запознавање со основните филозофски концепти, како што се емоциите и етиката. Програмскиот директор Ѓорѓи Пулевски, пак, се пошегува дека Платон би имал амбивалентен однос кон „Матрикс“, бидејќи Нео многу се тепа, а Платон повеќе сака дијалог како пат до вистината.
Токму во оваа шега можеби се крие одговорот на прашањето од насловот. Тик-ток може да го понуди прашањето, но дијалогот, бавното сомневање и аргументот што трае подолго од шеесет секунди младите ги учат во училницата. Не постои опасност филозофијата да исчезне од животот на младите, бидејќи таа одамна живее во нивните телефони. Опасноста е да остане само таму: кратка, убаво монтирана и без никој да праша „зошто?“.
