Охриѓани излегуваат на протест против фемицидите и институционалниот молк: Охрид нема да молчит!

Во сабота, 21 ноември, од 12 до 14 часот, граѓаните на Охрид ќе маршираат од плоштадот до полицијата и судот. Бараат заштита, одговорност и конкретни промени пред да биде предоцна.

Охрид излегува на улица. Во сабота, 21 ноември, од 12:00 до 14:00 часот, во градот ќе се одржи мирен граѓански протест против фемицидите, родово базираното и семејното насилство и, како што велат организаторите, против институционалното непостапување. „Преку глава ни е од молк, оправдувања и институции што не реагираат навреме“, пишуваат организаторите во повикот објавен на социјалните мрежи.

Протестот е поттикнат од гневот и загриженоста поради сеприсутното насилство врз жените, но и од неодамнешниот случај на насилство што го потресе Охрид. Се работи за тешкото претепување на 26-годишна жена. 31-годишниот осомничен сторител е обвинет за три кривични дела и му е определен 30-дневен притвор. Околу два часот по полноќ, во саботата на 15 ноември, расправијата меѓу 26-годишната Сара Ѓорѓиеска и нејзиниот 31-годишен партнер Кристијан Корабоски започнала во неговиот дом, а продолжила во неговиот автомобил. Сара барала да ја пушти да излезе. Тој одбил и продолжил да вози со голема брзина. Нападот почнал уште додека возел и не престанал ни откако го запрел возилото, сè додека Сара не изгубила свест. Онесвестената девојка, според извештаите, ја исфрлил од возилото.

Според организаторите, овој случај уште еднаш покажа дека насилството не се случува „некаде таму, туку блиску до нас, можеби и меѓу луѓето што ги познаваме“.

Собирот е на градскиот плоштад „Св. Климент Охридски“. Оттаму поворката ќе продолжи низ Охридската чаршија до СВР Охрид, па по булеварот „Македонски Просветители“, и ќе заврши пред Основниот суд Охрид. Маршрутата не е случајна. Поворката ќе застане пред полицијата и судот, двете институции од кои граѓаните бараат навремена реакција и ефикасна заштита на жртвите.

„Бараме заштита, одговорност и конкретни промени. Не сакаме да чекаме да биде предоцна!“, порачуваат организаторите.

Во текот на 2026 година во Северна Македонија се регистрирани голем број случаи на семејно и родово базирано насилство, при што Министерството за внатрешни работи (МВР) евидентирало 1.337 кривични дела од областа на семејното насилство само во периодот од јануари до септември. А, според медиумски и граѓански известувања во ноември 2026 година, во земјата се забележани седум фемициди во текот на годината.


Билтените на МВР секојдневно бележат нови пријави за семејно насилство ширум земјата. Здруженијата за женски права со години предупредуваат дека проблемот не се само бројките, туку и институциите: пријавите се игнорираат, мерките за заштита доцнат, а казните се благи и не влијаат на намалување на опасниот тренд во кој жените стануваат жртви на насилство најчесто во местата каде што треба да се чувствуваат најбезбедно и од луѓето кои им се или им биле најблиски.

е-Трн да боцка во твојот инбокс