Европската народна партија покрена постапка против својата придружна членка Српската напредна партија на Александар Вучиќ. Ова го потврди шефот на бугарската делегација во ЕПП, Андреј Ковачев, за време на панелот на форумот „Средба на ЕУ и Западен Балкан“ во Софија. Во најголемата политичка групација во Европскиот парламент растат барањата за казнување на Белград поради континуираното седење на две столчиња меѓу Западот и истокот.
Ковачев на форумот во Софија директно порача дека трпението на европските конзервативци кон српската власт е исцрпено. Според него, внатрешната поддршка за отворање на постапката против СНС била исклучително силна.
„Тие се придружна членка на ЕПП, но ние покренавме постапка против нив и гласовите внатре се многу, многу силни. Доста беше и предолго чекавме. Александар Вучиќ предолго играше на двете страни“, изјави Ковачев.
Тој додаде критика и кон водечките европски лидери за нивната досегашна неодлучност кон Белград:
„За жал, видовте дека ни европските лидери како Мерц и Макрон не се сосема јасни во своите пораки. Србија ни е потребна, таа е исклучително важна, па секогаш се надеваат дека она што Александар им го кажува е вистина. Но не е.“
Иако ЕПП со години важеше за сигурно политичко прибежиште за српските напредњаци, реториката драстично се смени по неколку последователни инциденти. Врвот на партијата неодамна остро го осуди присуството на високи српски државни функционери и оддавањето воени почести на погребот на осудениот воен злосторник Ратко Младиќ.
За конзервативците во ЕП, отвореното славење на воени злосторници ја доведува во прашање самата европска иднина на Србија. Сличен став на пленарната дебата во Европскиот парламент изнесе и хрватскиот европратеник Давор Иво Штир, со што притисокот врз раководството на ЕПП за формално исклучување или санкционирање на СНС доби сериозна тежина.