Чистењето не е женска работа!

Кога „еколошката свест“ во пракса значи уште една невидлива обврска во домаќинството

Стануваш наутро, ги будиш децата, правиш кафе, проверуваш што има во фрижидерот, мислиш што ќе се јаде денес, кој ќе оди по детето, дали има детергент, дали има тоалетна хартија и дали вчерашниот неизеден учек може да се спаси од фрлање. А, да, треба и да рециклираш затоа што планетата е во опасност и некој мора да ја спаси. Најверојатно ти.

Секоја есен, кампањите за чистење и одржливост зборуваат за „секој од нас“. Но во домаќинствата, разделувањето на отпадот, купувањето еколошки производи и „свесната потрошувачка“ често паѓаат врз жените, кои и онака го носат поголемиот дел од невидливиот домашен труд.

Домашниот труд веќе е нееднакво распределен

Последниве години екологијата ни се сервира како уште една работа што треба да ја правиме „правилно“. Да купуваме одржливо. Да избегнуваме пластика, да компостираме, да носиме платнени торби, да не фрламе храна. Да внимаваме што купуваме. Сè е убаво додека не поставиме едно прашање: Кој најчесто ќе го прави сето тоа?

Истражувањата низ Европа континуирано покажуваат дека жените поминуваат повеќе часови неделно во домашни обврски од мажите, дури и кога и двајцата работат со полно работно време. Кога на тој товар ќе се додаде уште еден слој „еколошки“ задачи, товарот не се дели, туку само се зголемува.

„Домаќинството“ звучи прекрасно како некој неутрален, рамноправен субјект. Домаќинството купува,готви, чисти. Домаќинството рециклира… Само што домаќинството нема раце, имаат луѓето имаат и многу често тие раце се женски.

Кампањите зборуваат за домаќинствата, но всушност за домаќинките

Пораките за компостирање, разделување на отпадот и намалување на потрошувачката на пластика ретко го отвораат прашањето кој во домот всушност ги извршува тие задачи. Резултатот е тивка претпоставка: одговорноста за планетата повторно поминува низ истите раце што веќе ја носат кујната, чистењето и грижата за децата.

Жените веќе го носат најголемиот дел од она што го нарекуваме домашен труд, иако сè уште го нарекуваме „помагање“ кога маж ќе ја стави машината за садови или ќе го изнесе ѓубрето. Сега на истиот список додадовме и „еколошки свесна“. „Министерка за животна средина во сопствениот дом“.

Одговорност без моќ за одлучување

Поголемиот дел од одлуките што реално влијаат врз количината на отпад, амбалажата, дистрибуцијата и производствените стандарди се носат на ниво на компании и институции, а не во домаќинствата. А сепак, товарот на „поправката“ се пренесува токму таму врз поединки кои немаат моќ да го променат системот.

Може ли воопшто да се поправи системот? Тоа е малку покомплицирано. Зашто жената може да одбие пластична сламка, но не може да одлучи од каков материјал ќе биде направена амбалажата на производот. Може да купи локално, но не може да ја промени целата дистрибутивна мрежа. Може да го одвои отпадот, но не може да изгради инфраструктура за негово собирање и рециклирање. Може да купи органска храна, но не може да ја преуреди земјоделската политика. И може секој ден да се труди да произведе што помалку отпад, додека некоја компанија произведува тони непотребна амбалажа.

Но затоа ќе ѝ кажеме дека треба да биде „поодговорен потрошувач“.

Компаниите произведуваат, институциите регулираат, системот распределуваа, а жената дома сортира. Индивидуалните избори се важни, но не се замена за политика. Не можеме да очекуваме платнената торба да ја реши кризата со пластиката. Не можеме од компостерот во дворот да направиме замена за функционален систем за управување со отпад. И не можеме од жените да очекуваме со уште малку подобра организација да го спасат она што институциите и индустријата не успеваат да го решат.

Колективна одговорност значи институционална, а не индивидуална

Вистинската еколошка одговорност бара политики: стандарди за пакување, инвестиции во инфраструктура за рециклирање и регулација на производителите. Индивидуалниот избор може да помогне, но не може да ја замени системската промена. А товарот на таа замена не треба асиметрично да паѓа врз едниот пол.

Чистата животна средина не е производ на нечија лична жртва. Таа е резултат на политики и системски решенија. Додека тоа не го признаеме, „секој од нас“ во пракса ќе продолжи да значи „секоја од нас“.

Еколошката одговорност не е домашна обврска и не треба да биде. Ако навистина е „наша“, тогаш нека биде наша на сите. На семејствата, на мажите, на жените, на општините, на државата, на компаниите. На оние што произведуваат. На оние што носат закони и на оние што имаат моќ да ги сменат правилата.

И можеби токму тука треба да престанеме да зборуваме за „свесната жена“ и да почнеме да зборуваме за одговорните институции.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс