Внатрешната обиколница на Солун вечерва, 24 август, ќе биде делумно затворена за сообраќај во правец кон Халкидики и аеродромот поради интензивирање на градежните активности за новиот надвозник „Flyover“. Според грчката сообраќајна полиција, целосната блокада на овој потег ќе трае од 23:00 часот вечерва до 05:00 часот наутро, при што возилата ќе се пренасочуваат низ солунските градски улици.
Затворањето го опфаќа потегот помеѓу клучката К5 кај Евкарпија и клучката К6 кај Метеора, исклучиво во источен правец. Во овој шестчасовен интервал нема да биде дозволено ниту приклучување на обиколницата преку увозните рампи кај болниците во таа зона.
Сите возила што пристигнуваат од западниот дел на обиколницата ќе бидат насочувани кон исклучувањето кај Евкарпија.
Оттаму, сообраќајот ќе се води преку локалните сообраќајници кон булеварот „Страту“ и централното градско подрачје, по што возачите ќе можат повторно да се вклучат кон патиштата што водат кон Халкидики и аеродромот „Македонија“.
Ограничувањето директно ги засега македонските граѓани кои во текот на ноќта патуваат кон туристичките места на краците или имаат ноќни и рани утрински летови од солунскиот аеродром.
Спротивно на тоа, правецот од Солун кон граничниот премин Богородица/Евзони ќе остане целосно отворен и прооден. Сепак, на оние што патуваат кон југ им се препорачува да тргнат порано поради очекувано забавување на сообраќајот низ градските крстосници.