Британскиот принц Хари изјави дека би се вратил во активна воена служба за да се бори против Русија доколку се појави потреба за тоа. Војводата од Сасекс ја даде изјавата за британскиот весник „Телеграф“ и подкастот „Украина: Најнови вести“ (Ukraine: The Latest) за време на ненајавена посета на украинскиот град Лавов, каде што се сретна со ранети воени ветерани и предупреди дека Европа не смее да ја потцени руската закана.
За време на гостувањето во подкастот, принцот Хари јасно ја потврди својата подготвеност повторно да облече воена униформа доколку безбедносните околности го наложат тоа. Тој посочи дека сите граѓани, а особено поранешните припадници на вооружените сили, мора сериозно да ја сфатат заканата што доаѓа од Русија.
„Ако ме повикаат повторно да се пријавам, ако има потреба за тоа, сто проценти би бил подготвен да ѝ служам на мојата земја, заедно со моите колеги ветерани и воениот персонал“, изјави Хари.
Војводата од Сасекс оцени дека загриженоста во Европа е оправдана и порача дека луѓето кои веќе имаат воено искуство треба да бидат подготвени повторно да се одѕоват на повикот на своите држави.
Според принцот Хари, отсуството на директни воени дејствија на британска територија не значи дека земјата е надвор од конфликтот. Тој оцени дека Обединетото Кралство веќе една деценија се наоѓа во своевиден судир со Русија.
„Само затоа што врз нас не летаат дронови, куршуми и ракети, не значи дека не сме во војна“, изјави принцот, предупредувајќи ја европската јавност да не ја потценува опасноста од Москва.
Покрај директните воени закани, Хари предупреди и на ширењето руска пропаганда и дезинформации на социјалните мрежи. Тој оцени дека големите технолошки компании не преземаат доволно мерки за да го спречат ширењето содржини кои дополнително ги поттикнуваат конфликтите.
Во интервјуто, принцот Хари се осврна и на односот на актуелниот американски претседател Доналд Трамп кон војната во Украина. Тој оцени дека постои голема разлика меѓу силната поддршка што Украина ја ужива меѓу американските граѓани и официјалниот пристап на сегашната администрација во Вашингтон.
Британскиот принц изрази надеж дека американската поддршка за Киев ќе зајакне по политичките промени во американскиот Конгрес во јануари. Тој посочи дека Европа мора да остане обединета и дека посилната соработка со Соединетите Американски Држави (САД) е од исклучителна важност за европската безбедност.
Принцот Хари служеше во британските вооружени сили десет години, од 2005 до 2015 година, и го достигна чинот капетан. Во тој период двапати учествуваше во воени мисии во Авганистан, а за време на втората мисија управуваше со борбен хеликоптер „Апачи“. По напуштањето на армијата, ги основа спортските игри „Инвиктус гејмс“ (Invictus Games), наменети за ранети и повредени воени ветерани.
Ненајавеното патување во Лавов е негова четврта посета на Украина од почетокот на руската инвазија во 2022 година. Таму тој го посети рехабилитацискиот центар „Суперхјуманс“ (Superhumans), се сретна со украински ветерани и присуствуваше на националните натпревари за избор на украински претставници за „Инвиктус гејмс“. Принцот најави и нов проект за помош при вработување на ветераните, оценувајќи дека другите земји можат многу да научат од украинското искуство.
