Шеесет и четиригодишниот Раул Мартин од Маунтин Вју, Калифорнија, редовно вежбал и внимавал на исхраната, но за време на рутински тренинг во теретана неговиот паметен часовник регистрирал пулс од 200 отчукувања во минута. Брзата реакција и повикот за итна помош откриле сериозно срцево стеснување, по што лекарите извршиле минимално инвазивна операција за вградување бајпас.
Мартин сметал дека е во одлична физичка форма. Секојдневно пешачел, редовно одел во теретана и водел сметка за исхраната, сè додека еден ден не почувствувал невообичаено забрзано чукање на срцето.
„Мислев дека правам сè како што треба. Вежбав и јадев здраво. Не очекував вакво нешто да ми се случи“, изјави Мартин.
Кога погледнал во својот паметен часовник, екранот покажал 200 отчукувања во минута. Сфатил дека состојбата е алармантна, по што веднаш побарал помош од обезбедувањето во објектот, кое повикало брза помош.
Екипата на итната помош го пренела во болницата „El Camino Health“. Таму лекарите утврдиле потреба од вградување на коронарен бајпас, хируршки зафат со кој се премостува стеснета или затната артерија за да се воспостави нормален проток на крв.
Институтот за срце и крвни садови при болницата неодамна вовел минимално инвазивни, роботски потпомогнати операции. Оваа технологија овозможува зафатот да се направи преку мали резови, без потреба од класично пресекување на градната коска.
„Искрено, се плашев од самата помисла на операција на отворено срце. Оваа минимално инвазивна метода ми делуваше како шанса да поминам низ сè и на крајот да бидам во подобра состојба од претходно“, рече Мартин.
Мартин се согласил на роботскиот зафат, а текот на закрепнувањето бил значително пократок од очекуваниот. Само неколку дена по операцијата, тој самостојно пешачел по болничките ходници.
Д-р Нелс Керол, кардиохирургот што го оперирал, објасни дека токму избегнувањето на сечењето на градната коска ја прави најголемата разлика кај пациентите.
„Кардиохирургијата постојано се развива и сега истите резултати можеме да ги постигнеме без големи резови. Наместо раздвојување на коските, правиме неколку мали отвори низ кои прецизно го изведуваме зафатот. Така пациентот избегнува голем дел од болката и долгото закрепнување“, изјави д-р Керол.