Безбедноста на капачите и контролата на пловидбата на Охридското Езеро повторно се во фокусот по инцидентот на плажата Лагадин, кога бротче удрило во СУП даска во близина на брегот и исфрлило двајца капачи.
Инцидентот дополнително ги засили реакциите на жителите и еколошките активисти, кои со СУП даски направија водена блокада во знак на протест и побараа доследно почитување на правилата за пловидба и поголема контрола на пловните објекти во близина на зоните за капење. Капетанијата на пристаништата и полицијата го регистрирале случајот и разговарале со оштетените и сведоците, но официјален извештај за инцидентот сè уште нема.
Протестот продолжил и на копно, каде демонстрантите половина час наизменично го блокирале регионалниот пат кон Свети Наум. Со транспаренти како „УНЕСКО, имаме проблем“, „Бетонот – смрт за туризмот“ и „Урбанизација без канализација“, тие предупредиле на проблемите со урбанизацијата, но и на опасностите за капачите и останатите учесници во водниот сообраќај.
52 прекршоци во една контрола
Од надлежните институции велат дека во текот на туристичката сезона се спроведуваат засилени контроли на езерото. Во една од последните заеднички акции на полицијата и Капетанијата биле констатирани 52 прекршоци, а девет лица управувале пловни објекти под дејство на алкохол.
Меѓу најчестите прекршоци се пловење со истечена дозвола, управување без соодветно уверение, неносење спасувачки појас, претовар на пловните објекти, глисирање во близина на брегот и пловење без соодветно осветлување во ноќните часови.
Посебен ризик претставуваат глисерите и водените скутери кои се движат во близина на зоните за капење. Според правилата, глисерите и скутерите смеат да глисираат дури откако ќе ја напуштат зоната од 300 метри од брегот. Во тој појас треба да се движат со мала брзина за да не ги загрозуваат капачите и другите пловни објекти. За непочитување на правилото е предвидена казна од 250 евра, а при повторени прекршоци може да следува и одземање на скутерот.
Правила важат и за педалинките, СУП даските и другите рекреативни средства. Педалинките не смеат да се оддалечуваат повеќе од 300 метри од брегот, на нив не смеат да има повеќе од четири лица, а задолжително е обезбедување спасувачки елеци.
Одговорност имаат и концесионерите на плажите, кои треба да обезбедат спасувачи и да ги почитуваат безбедносните стандарди. Во моментов, на 11 капалишта се ангажирани 13 спасители. Дополнително, плажите треба да бидат обележани со пловни ознаки, бови, со кои се определува зоната за капење.
Забрана за скутери во најфреквентниот дел од денот
Министерството за транспорт од 2 јуни воведе дополнителни ограничувања. Возењето скутери на Охридското, Преспанското и Дојранското Езеро е забрането од 1 јули до 31 август, од 11 до 19 часот. Ограничена е и ноќната пловидба со чамци. До 31 август забраната важи од 21 до 5 часот, додека од септември временските ограничувања дополнително се менуваат.
Од Министерството велат дека мерките се воведени за намалување на ризикот од несреќи, заштита на капачите и одржување на безбедноста и јавниот ред на езерата.
Сепак, летната слика на Охридското Езеро станува сè покомплексна: капачи, туристи, чамци, глисери, скутери, педалинки и СУП даски се движат на ист простор, поради што, покрај контролите и казните, надлежните апелираат на поголема лична одговорност и доследно почитување на правилата.