Прашањето дали Русија ќе ги искористи сите расположливи видови оружје веднаш ќе се најде на маса во случај на директен напад врз земјата или руската енклава Калининград, изјави претседателот Владимир Путин на годишниот форум на клубот Валдај. Рускиот лидер тврдеше дека светот поминува низ опасен период, но додаде оти мора да се спречи сценарио во кое би се употребило оружје за масовно уништување.
Говорејќи пред учесниците на дебатниот клуб, Путин отворено предупреди на последиците доколку руската територија стане мета на директна воена акција. Посебен акцент стави на балтичката енклава Калининград, која е опкружена со земји членки на НАТО.
„Во случај на директен напад врз Руската Федерација, прашањето дали ќе ги употребиме сите видови оружје со кои располага нашата земја неизбежно и веднаш ќе биде ставено на дневен ред“, рече Путин. Тој сепак наведе дека глобална цел мора да биде избегнување на катастрофални разврски и гарантирање дека нуклеарниот арсенал нема никогаш да биде активиран.
Рускиот претседател војната во Украина ја нарече акутен конфликт, при што повторно се обиде да ја отфрли одговорноста на Москва за почетокот на инвазијата. Според неговото толкување, руската страна била принудена да се брани од наводна западна агресија.
„Сигурен сум дека Русија намерно беше доведена во ситуација во која едноставно мораше да одговори на таа очигледна агресија. Не доведоа до таа црвена линија“, тврдеше рускиот лидер.
Оваа реторика претставува добро познат наратив на Кремљ со кој се оправдува агресијата врз Украина уште од февруари 2022 година, префрлајќи ја вината врз западните сојузници.
Путин пред присутните оцени дека глобалните тензии постепено ќе се намалуваат како што ќе слабее доминацијата на западните сили врз меѓународните процеси. Во делот од говорот посветен на односите со западните земји, тој испрати и директна порака за нивните политички потези.
„Секој може да погреши, но само идиот може да истрае на грешката“, рече Путин, критикувајќи ги одлуките на западните лидери да продолжат со воената и политичката поддршка за Украина.