Корисниците на Инстаграм веќе не мора да ги бришат сторијата за да поправат грешка

Првиот човек на платформата, Адам Мосери, потврди дека измените на текстот, музиката и налепниците се можни во рок од 15 минути без губење на прегледите.

Корисниците на Инстаграм отсега можат да ги уредуваат своите сториња и по нивното објавување, со што се елиминира досегашната потреба од целосно бришење и повторно поставување на содржината поради печатни или технички грешки. Новата опција важи во првите 15 минути по објавата и ги зачувува сите дотогашни прегледи, допаѓања и директни одговори.

Директорот на Инстаграм, Адам Мосери, официјално ја потврди новата опција преку која корисниците добиваат временски прозорец од 15 минути за корекции на веќе објавено стори, пренесува технолошкиот портал Д Верџ.

Во тој период, авторите на содржината можат да го менуваат напишаниот текст, да ја заменат или додадат позадинската музика, како и да ги прилагодат налепниците и рачните цртежи. Досегашната архитектура на апликацијата налагаше целосно бришење на објавата при секоја најмала грешка, што автоматски значеше губење на собраната интеракција и повторно градење на досегот од нула.

Дека развојниот тим на платформата работи на ваков механизам за пост-продукција првпат забележа развивачот на софтвер Алесандро Палуци уште во април 2026 година. По седуммесечно тестирање, функцијата станува достапна за корисниците.

Пристапот до новите алатки е вграден директно во постоечкиот интерфејс за преглед на сопствените објави. Корисникот треба да го отвори активното стори, да го притисне менито со три точки во долниот десен агол и да ја избере новата ставка „Уреди“ (Edit).

По изборот на оваа опција, апликацијата го враќа сторито во режим на уредување каде што елементите се менуваат без да се прекине видливоста на објавата или да се ресетира бројачот на посетители.

Паралелно со опцијата за накнадно уредување, Инстаграм воведува и визуелно освежување на креативните алатки за сторија. Пакетот содржи нови фонтови, проширена палета на бои, преливи меѓу нијансите и редизајнирани форми на налепници.


Интерфејсот за избор на овие елементи е преуреден за побрза навигација, а воведени се и поедноставен избор на повеќе фотографии одеднаш, како и нови опции за заматување на позадината.

е-Трн да боцка во твојот инбокс