Што се случува кога мит стар илјадници години ќе се сретне со современите битки околу љубовта, телото, желбата и моралот? Во Драмскиот театар во Скопје, режисерот Дино Мустафиќ ги спојува Расиновата „Федра“ и „Федрина љубов“ на Сара Кејн во сценскиот диптих „Федра: Антропологија на една желба“.
За Мустафиќ, приказната за Федра не е само приказна за забранета љубов. Таа отвора прашања за тоа кој има право да сака, кој смее да ја изрази својата желба и како општеството и системот го контролираат телото. Две различни епохи, според него, откриваат дека и покрај цивилизациските промени, некои од најдлабоките човечки проблеми остануваат исти.
Во разговорот за „Трн“, Мустафиќ зборува и за враќањето на конзервативизмот на Балканот, за индустријализацијата и таблоидизацијата на телото, за граѓанскиот активизам и побуната, но и за искуството од опсадата на Сараево и за тоа што културата може да направи во време на војна и криза.
Зборува за својот филм „Павилјон“, за уметноста како критичко огледало и простор на слобода, но и за цензурата, заканите и автоцензурата. А неговата порака за уметноста е директна: „Уметност што не е субверзивна – за што ни е?“
Трн: Изминатиот викенд се слуќи премиерата на„Федра“ во Драмскиот театар во Скопје. Направен е спој меѓу „Федра“ од Расин и „Федрина љубов“ на Сара Кејн. Се обработува истиот мит, но од две различни епохи. Што ни кажува тоа денес за промената на нашата претстава за љубовта, сексуалноста, вината и желбата во денешен контекст и каква Федра ќе поставите во Драмскиот театар?
Дино: На 19 септември ќе ја имаме премиерата што ја нарековме сценски диптих. Тоа се две претстави што меѓусебно комуницираат. Едната е прочуената класична „Федра“ на Расин, а другата е сценска поставка на дело од една од најзначајните писателки од крајот на XX век. Тоа е Сара Кејн, а станува збор за нејзиниот текст „Федрина љубов“.
Тоа се две претстави што меѓусебно кореспондираат, би рекол и дека водат еден одреден дијалог, а ние тој диптих го нарековме „Федра: Антропологија на една желба“. Веројатно подоцна на репертоарот овие две претстави можеби и ќе бидат одделно. Секако дека се посебна целина една со друга, но мене оваа приказна ми послужи заедно со авторите и актерите да се обидам да отворам некои теми што ми се чинат многу битни за денешното човештво и моментот во кој живееме.

Тоа пред сè е односот на општеството и системот кон нешто што е желба. Затоа и го нарековме „Антропологија на една желба“. Таа желба доаѓа од една жена која во Расиновата митска димензија е кралица, а кај Сара Кејн е современа кралица на позиција, а нејзиниот грев е само затоа што има една страст, има еден копнеж, а тоа е да сака и да биде сакана.
Трн: Што друго ве интересираше во оваа приказна, освен самата желба?
Дино: Ме интересираа оние слоеви што ќе ги откриваме во претставата, а тоа секако е односот на општеството кој полека, во овие двесте години, се променил кон, би рекол, еден вид конзумеризам или, ако сакате, индустријализација на она што е тело, што е чувствување, што е воопшто телесноста, наспроти она што е духовно, а тоа е она што е една духовна димензија на љубовта.
И мислам дека во нашата претстава, на два различни материјала, со разлика од речиси повеќе од двесте години во периодот кога авторите се занимавале со оваа тема, може да се види како се менувале околностите, па ако сакате дури и цивилизациското поле во кое живееме, но дека ни останале истите онтолошки и антрополошки проблеми како поединец, како единка.
Секако дека во нашата интерпретација и на Расин, а и на Сара Кејн, мене ме интересираше и овој општествен, политички контекст на односите, на пример односот на моќта и љубовта, односот на власта кон она што може за таа власт да биде субверзивно, а тоа е кога таа љубов се покажува како еден идеал во рамките на систем што задава многу ригидни координати.
Трн: Што е она што е општо морално прифатливо?
Дино: Што е тоа што е општо морално прифатливо? Дали тоа е во согласност со овој, да кажам, монотеистички поглед на светот во кој многу јасно се пропишува, а најмногу тоа се прави во овој, би рекол, патријархален конзервативен модел на воспитување во однос на жената. Жената во таа смисла има многу помалку право да ги реализира своите копнежи, своите страсти, своите љубови, дури и да ги обелодени, бидејќи таа во еден момент за општеството ќе стане неприфатлива категорија.
Бидејќи љубовта носи и една количина храброст, затоа што за да сакате, пред сè мора, онака фромовски да кажам, да имате и одредено знаење како да сакате. А потоа тоа „како да сакате“ се транспонира во тоа дека за тоа мора да имате и емоционална интелигенција и мора да имате едно своеобразно, да кажам, еманципаторско опкружувачко поле, тек во кој вие можете да ја реализирате својата љубов.
Често тие љубови се скриени. Тие неретко се осудувани, проскрибирани, изложувани на судот на јавноста, на она што е прифатливо или неприфатливо.

Тоа се сите референци на современоста што ги најдовме во класичниот Расин, но и во Сара Кејн, која правела еден вид реплика на митот за Федра. Затоа што, да го потсетам вашето гледалиште, митот за Федра е исклучително стар и потекнува уште од античкиот период и многу писатели, од Еврипид, Сенека, па до Расин, се занимавале со оваа тема во трагичкиот образец на драмското писмо, а подоцна таа голема тема послужила и за модернистичкото пишување во драмски стил, какво што, par excellence, е Сара Кејн и нејзината драматургија „in your face“.
Значи, во лице. Таа едноставно нè шлаканира. Таа нè потсетува, ни задава удари во своите реплики, во своите ситуации кои, ми се чини, итно нè вознемируваат.
Трн: Денес, за жал, повторно гледаме враќање на тие конзервативни и религиски вредности во Европа, па и во нашиот регион. Дали мислите дека живееме во некое ново време на нова морална депресија?
Дино: Па, сигурно. Сведочиме на едно, хм, враќање на еден неоконзервативен образец. Нашите општества на Балканот, особено во последните четириесет години по распадот на Југославија, повторно се традиционализираа.
Тие со себе донесоа неколку многу, би рекол, загрижувачки тенденции. Една од нив секако е во доменот на слободата на изразување, а кога велам слобода на изразување, не мислам само на оваа уметничка или медиумска слобода, туку мислам воопшто на човековото право да ги искажувам своите мисли, па ако сакате и своите емоции.
Не е случајно што нашите општества сè уште се многу далеку од оние стандарди на љубов за кои тие сметаат дека се општо прифатливи. Зборувам за ЛГБТ-популацијата, која на Балканот и понатаму грчевито се бори во уставна смисла, законска смисла, во која било легислатива да се изедначи со своите сексуално определени истомисленици во Европа. Овде сè уште сме многу далеку од тоа, а тоа е една димензија.
Другата димензија е, мислам дека овој вид конзервативизам што кај нас сега е доминантен е многу поврзан со оние обрасци кои многу брзо го доведуваат некого кој на кој било начин се експонира во еден вид заканувачки тон кон тој поединец.
Така многу често се случува луѓето кои имаат поинакво мислење или поинаков став или сексуално определување, тие многу често да бидат изложени на социјалните мрежи, во разни конзервативни десничарски медиуми и така натаму. Тоа е еден аспект.
Од друга страна, сведочиме на една вистинска мала, да кажам, дигитална револуција која почна да го третира прашањето на сексуалната слобода и воопшто на телото, култот на телото, на начин на најобичен, би рекол, конзумеризам. Речиси една таблоидизација на тоа тело, индустријализација на тоа тело. Сега имате цела индустрија, од фармацевтската до, да кажам, спортските дисциплини, во кои луѓето се обидуваат да се унифицираат.
Што е тоа што е прифатливо? Како денес некој треба да изгледа за да биде убав, да биде привлечен?
И тоа е она што, ќе видите, ние многу иронично го коментираме во нашите претстави, бидејќи тоа е оној вид, би рекол, изопачување, како што е ова во конзервативна смисла на мислењето.
Ова е, би рекол, во смисла на појавноста. Кога ќе се судри тој, всушност, корпоративен модел на живот со овој конзервативизам, добивате една изопачена, деформирана, а во моменти, ми се чини, и ѓаволска мешавина на тоа како треба да изгледа некој идеален човек.

Трн: Во „Павилјон“ зборувате за побуна против системот. Денес повторно гледаме силни граѓански и студентски протести во регионот, во Србија. Може ли таа побуна да го промени системот или со текот на времето само некако се апсорбира во самиот систем?
Дино: Па, тој филм е политичка сатира, црна комедија. Интересно, тој имаше и своја дистрибуција и пат по фестивали низ целиот регион и луѓето, без оглед на генерациската возраст, бидејќи мојот филм зборува за побуната на оние кои повеќе немаат што да изгубат, а тоа се пензионерите.
Тие тргнуваат во вооружена борба, во револуција, во преврат. Многумина ме прашуваа дали тоа е апотеоза на насилството. Дали јас заедно со сценаристот Виктор Иванчиќ го застапувам насилството како единствен метод со кој можеме да ги промениме овие општества?
Не, но не мислам ни дека револуцијата мора да го менува светот нужно на подобро. Често сме и на тоа сведочеле, дека револуцијата може да доведе некои ретроградни работи на политичката сцена, но мислам дека секоја промена е добра. Има една реплика, јас ќе ја парафразирам, што ја изговара Зијах Соколовиќ, кој вели: „Премногу сме стари за да бидеме наивни и да веруваме дека нашата побуна ќе го направи светот подобар и поправеден, но ќе дојде до промена и точка.“ Јас сум поборник на промената.
На нашите простори често сведочиме дека изборите како демократски апарат или инструмент не ни се доволни за да ги промениме работите. Зошто? Затоа што сме, веројатно, навикнати со години едни исти лица, едни исти политики, едни исти опции, кога ќе ја освојат власта, тоа да трае со децении. Мислам дека мораме да ја имаме таа способност на граѓански активизам, импулсот, тој нерв на бунтовништво и побуна во кои многу брзо, како некои од нашите соседи, Романците или Бугарите, може да излезат сто илјади луѓе на улица.
Заради што? Заради реформа на образовниот систем, заради лошите здравствени услови, заради тоа како, ете, еколошки нè уништуваат корпоративни магнати.
Во таа смисла многу ме охрабрува прошетката во Загреб за Лика која беше многубројна, бидејќи мислам дека тоа се сега оние места во кои ќе сфатиме дека ова дрво преку улица во вака бетонирано Скопје можеби сега е највредната работа за која вреди да се бориме. За секој лист, за секоја кора од дрво, за секоја чиста река, планина, за нашиот воздух што го дишеме, за храната што ја јадеме и земјата од која ги добиваме тие плодови. Мислам дека тоа денес е исклучително важно.
Мислам дека тоа е местото кое политички нè обединува да ја зачуваме нашата планета, бидејќи очигледно овој свет по падот на Берлинскиот ѕид повеќе ја нема дихотомијата на Исток и Запад, на лево и десно. И се поставува, секако, и теоретското прашање што е тоа денес лево, што е тоа десно. Мислам дека она што мене денес може да ме мобилизира, што денес навистина ме прави активист, а тоа е да ја заштитам својата околина и да се борам за оние човекови права кои на сите ќе ни донесат навистина еднаквост во владеењето на редот и законот.
Трн: Вие сте режисер кој ја преживеал и опсадата на Сараево, а потоа продолживте да работите во културата. Што научивте тогаш за тоа што културата може да направи во време на криза? И денес гледаме војни и страшна поларизација што се случува во Европа. Ја препознавате ли истата потреба за културен отпор?
Дино: Како да не, па на тоа сведочите нон-стоп. Видете како моите колеги во разни сфери на уметноста се борат да го свртат вниманието на, пфф, загрозувањето на слободата или на оваа репресија или насилство што се спроведува. Ние денес, кога го водиме ова интервју, го водиме на континент кој има еден крвав четири и пол, пет години. Тоа е руско-украинскиот, да кажам, меѓубратски конфликт.
А го водиме во момент кога пред очите на целиот свет, во првите три децении на XXI век, е извршен нов геноцид. Мислам на она што се случи во Газа. Кога ова ќе го кажете што сега јас го кажав, ризикувате да бидете „канселирани“. Ризикувате да добиете некоја работа во Холивуд, дури и во Европа.
Затоа ми се чини дека, како никогаш порано, во овие пресвртни моменти е многу важно уметниците да бидат солидарни, да бидат храбри, да се поддржуваат меѓусебно, на некој начин да се групираат во тој еден фронт на одбрана на правото на човекот на живот, на слобода, на мислење.
Трн: Колку ви помогна сопственото искуство од војната да го разберете значењето на културата во криза?
Дино: Мене многу ми помогна војната што ја преживеав и искуството на човек кој ја преживеал најдолгата опсада во модерната историја на човештвото. Илјада четиристотини дваесет и пет дена градот во кој сум роден и во кој сум се школувал беше под опсада.
Културата беше еден од оние, да кажам, извори на живот што нè сочуваа психолошки, емотивно, идејно.Таа култура успеваше во тоа време на насилство, деструкција и зло да нè интегрира со цивилизираниот свет.
А Сараево и тогаш имаше филмски фестивали, театарски претстави, уметнички концерти, изложби.
Се покажа дека покрај таа физичка одбрана, тој еден вид духовен отпор, како што се нарекуваше таа синтагма на нашата борба, во Сараево беше подеднакво важен. Тој ви гарантираше дека и по војната можете да останете човек и да имате надеж дека тој свет во кој живеете заслужува и мора да биде подобар.
Е, во таа смисла мислам дека уметноста е многу важна како коректив, како критичко огледало, како простор каде што поставуваме прашања во кој не мора да нудиме одговори, во кој не мораме ни да се согласуваме, но не мораме ни да стравуваме од различноста, а особено не можеме спротивното мислење да го прогласуваме за непријателско или, како што сега моментално се случува, во кој на уметниците им се заканува со одземање и државјанство ако зборуваат критички и за својата влада.
Трн: И за крај, често се поставуваат прашања и во вашиот работен опус за идентитетот. На Балканот постои тој национален и верски идентитет кој многу често е и политичко оружје. Може ли уметноста да му се спротивстави на национализмот или понекогаш многу лесно и самата станува дел од истиот процес?

Дино: Па, јас мислам дека уметноста е простор на слободата и дека, секако, секоја заедница, па така и уметничката заедница, има луѓе кои се склони кон опортунизам, ескапизам, конформизам, па ако сакате, кон една врста коабитација со власта за да опстанат, за да преживеат.А кога зборувате за оние храбри исчекори, нив историјата многу добро ги забележува.
Секако, тие мора да бидат и големи уметнички дела, но тие големи уметнички дела секогаш ни отвораат простор на непознатото и простор на субверзивното.
Трн: Што значи за вас субверзивната уметност?
Дино: Кога мислам на субверзивното, јас мислам дека, јебеш уметност која не е субверзивна. Јас мислам дека таа не треба да биде декор, украс, да се приближува до полето на ентертејнментот или забавата, тоа го имаме напретек.
Јас мислам дека уметноста мора да нè тера на еден вид ангажман, интелектуален, па ако сакате и егзистенцијален, за да го одбраниме својот простор. Јас секогаш така поаѓам кога работам некое дело.
Трн: Имате ли страв дека таквиот пристап може да ве чини работа, проекти или слобода?
Дино: Сакам да ги споделам своите идеи, своите уверувања. Сакам да ги снимам без никаква автоцензура или да ги поставам на сцена. И не сакам да се прашувам, иако околностите ме тераат да се прашувам, дали таа моја претстава или мој филм ќе вознемири некого од позиција на моќ, кој потоа ќе ми ја оневозможи понатамошната работа. Имав различни искуства. Имав моменти во кои поради одредени мои дела ми се закануваа. Некои беа и цензурирани.
Тие припаѓаа на оние тешки времиња на војните во деведесеттите. Се надевам дека тоа дефинитивно е зад нас, но слободата не ни е дадена засекогаш. Неа мораме да ја негуваме и да се бориме за неа, а уметноста е еден од првите столбови на одбраната на слободата.