Италијанската банка „УниКредит“ доби безусловно одобрение од Европската Унија за аквизиција на германската „Комерцбанк“, соопшти Европската комисија.
Кон средината на октомври, „УниКредит“ објави дека добила одобрение од надзорниот орган на Европската централна банка (ЕЦБ) за стекнување дополнителни акции во „Комерцбанк“ и на крајот да ја преземе контролата врз германскиот заемодавач. Таа соопшти дека добила одобрение да го надмине прагот од 30 проценти за акционерскиот капитал на „Комерцбанк“, како и дополнително да го зголеми својот удел, без ограничувања.
Во понеделник, Европската комисија, исто така, даде зелено светло за аквизицијата.
„На Европа ѝ се потребни посилни банки кои можат да се натпреваруваат, да растат и да ги поддржуваат нашите компании и семејства“, изјави комесарката на Европската комисија, Тереза Рибера, задолжена за прашања поврзани со конкуренцијата.
Прекуграничните спојувања можат да ѝ помогнат на Европа да ја постигне оваа цел, создавајќи услови што ќе им овозможат на банките да работат поуспешно и полесно да издржат економски шокови, додаде еврокомесарот.
Големо преземање
Сепак, растот не смее да биде на сметка на клиентите, нагласи Рибера, додавајќи дека одобрувањето од страна на ЕК за аквизицијата на Комерцбанк од страна на „УниКредит“ покажува дека е можно истовремено да се поддржи посилен европски банкарски сектор и да се заштити конкуренцијата и изборот за граѓаните.
Потегот на ЕУ „не е изненадување“, рече извршната директорка на Комерцбанк, Бетина Орлоп.
„УниКредит“ ја поздрави одлуката на Европската комисија.
„Безусловното одобрување и поддршка од Европската комисија изразени на денешната прес-конференција потврдуваат дека трансакцијата не ја загрозува конкуренцијата“, се вели во соопштението на италијанската банка.
УниКредит ќе има контрола
„УниКредит“ веќе две години се обидува да ја преземе „Комерцбанк“. Германската страна остро се спротивстави на понудата, стравувајќи за работните места и финансирањето на малите и средни претпријатија.
На крајот на октомври, „УниКредит“ објави дека по преземањето, ќе продолжи да го финансира „’рбетот“ на германската економија.
„Ќе ја зајакнеме нашата поддршка за деловните клиенти, потпирајќи се на постојната мрежа и деловните односи на HVB и Commerzbank, и дополнително ќе ги зголемиме нашите капацитети за финансирање на растот на компаниите“, изјави извршниот директор на UniCredit, Андреа Орсел.
Италијанската банка е присутна на германскиот пазар преку Хиповерајнсбанк (HVB), која ја купи во 2005 година.
Завршувањето на преостанатите регулаторни процедури и услови за финализирање на понудата за Комерцбанк се очекува до крајот на годината, додадоа тие во соопштението за медиумите. Во тој момент, УниКредит би имал околу 50 проценти од правата на глас во Комерцбанк, со што би стекнал контрола врз германскиот заемодавач.
Германската федерална влада поседува нешто повеќе од 13 проценти од акциите на „Комерцбанк“ и со тоа има право на глас. Берлин сака „Комерцбанк“ да остане котирана компанија со седиште во Франкфурт и да продолжи со својот силен бизнис со мали и средни претпријатија.
