Сите 12 членови на екипажот на товарниот брод „Бетул 8“ се спасени откако пловилото се превртело во бугарската исклучителна економска зона во Црното Море. Евакуираните се во добра општа состојба, без тешки повреди, но премрзнати, соопшти бугарското Министерство за транспорт.
Морнарите биле качени во хеликоптер и пренесени кон поморската воздухопловна база „Чајка“, каде што биле организирани екипи за нивен прием и медицинска помош. При воздушниот преглед било утврдено дека бродот е превртен. bTV Новините
Товарниот брод испратил повик за помош
Сигналот за несреќата бил примен денеска, 16 ноември, во 9:15 часот по бугарско време во Поморскиот спасувачки координациски центар во Варна. Екипажот пријавил дека бродот тоне.
Инцидентот се случил на околу 40 наутички милји, односно приближно 74 километри југоисточно од ’ртот Калиакра. „Бетул 8“ пловел под сомалиско знаме, на релација од романскиот град Тулча кон Египет, со товар пченица.
Кон подрачјето биле насочени четири воени брода од противминската поморска група во Црното Море: два бугарски, еден романски и еден турски. Во операцијата биле вклучени и два хеликоптера „Кугар“ и авион Су-25. Министерство на транспорта и съобщенията
Проверка за можно загадување
Кон превртениот брод е испратено воено пловило за да провери дали има загадување на морската средина. Засега нема потврдена причина за несреќата.
