Катарина Илиевска-Силјановска за ИФДТ „Игор Маџиров“: Театарот не завршува со аплаузот

Пред петтото издание на ИФДТ „Игор Маџиров“, актерката и селекторка Катарина Илиевска-Силјановска зборува за Трн за тоа што живиот театар му дава на детето во време на TikTok и YouTube, зошто детската публика е една од најискрените, но и најтешките публики и зошто добра претстава не завршува со последниот аплауз

Детскиот театар често се гледа како „мал“ театар,за мала публика, со едноставни приказни и лесни теми. Но, токму пред детската публика актерот нема каде да се скрие. Децата веднаш препознаваат кога нешто е лажно, здодевно или наметнато.

Во време кога детството е исполнето со TikTok, YouTube, телефони и бескрајна низа визуелни содржини, живата сцена добива уште едно значење: можноста детето да биде присутно, да гледа, да чувствува и да учествува во нешто што се случува само еднаш тука и сега.

По повод петтото издание на ИФДТ „Игор Маџиров“, разговараме со актерката и селекторка Катарина Илиевска-Силјановска за магијата на детскиот поглед, одговорноста кон најискрената публика, театарот што не ги потценува децата и за тоа што сака да донесе фестивалот во Скопје. Зашто можеби најважното нешто што возрасниот може повторно да го научи од детето е едноставно: да гледа и да верува.

Трн: Што гледа едно дете во театарот што возрасниот веќе заборавил да го гледа?

Катарина: Магијата.Мислам дека тоа е најточниот одговор. Ние,возрасните кога влегуваме во театар веќе носиме еден куп искуства со себе. Анализираме како игра актерот,каква е режијата,сценографијата,костимот… Детето не го прави тоа. Детето гледа и верува.

Ако куклата заплаче,за него таа е навистина тажна. И тоа е нешто прекрасно. По толку години на сцена токму децата многупати ме потсетувале зошто воопшто сум станала актерка.

Затоа што тие реагираат на вистината. Не на техниката .

Не на нашето искуство, не на наградите што сме ги добиле. Ним тоа не им значи. Или ќе ви поверуваат -или нема. И можеби возрасниот токму тоа го заборавил: да гледа без предрасуди и да си дозволи да верува.

Трн: Зошто токму денес ни е потребна детска театарска сцена – кога децата имаат телефони, YouTube, TikTok и бескрајно многу визуелни содржини? Што може живиот театар што екранот не може?

Катарина: Може да се случи овде и сега. Тоа за мене е суштината на театарот. На екранот е се однапред снимено. Без разлика дали детето,(гледачот) ќе се насмее,заплаче или ќе ја исклучи содржината-она што е на екранот останува исто. Во театарот не е така. Актерот е на сцена,детето е пред него и гледа.

Ние ја чувствуваме неговата реакција,тоа ја чувствува нашата енергија. Како ние играме, така салата дише. Тоа е жива размена. И после толку играње за деца можам да кажам-нема поискрена публика. Возрасниот може од пристојност да ве гледа и да аплаудира на крајот. Детето неможете да го натерате. Ако сте му здодевни тоа ќе ви го покаже.

Затоа мислам дека театарот денес им е потребен можеби повеќе од порано. Децата имаат илјадници слики пред себе,но театарот им дава нешто друго-жив човек,глас, поглед,тишина, возбуда…Заеднички момент што нема да се повтори никогаш повеќе на ист начин.

Трн: Децата денес растат со војни, климатска криза, насилство и огромна количина лоши вести. Треба ли детскиот театар да ги штити од реалноста или преку фантазијата да им помогне да ја разберат?

Катарина: Неможеме веќе да ги ставаме децата под стаклено ѕвоно. Тие гледаат, слушаат и чувствуваат ,понекогаш многу повеќе одошто мислиме. Но не значи дека суровоста на светот само треба да ја пренесеме на сцената и да им кажеме: ” Еве ова е животот”. Тука фантазијата е многу моќна. Преку една приказна можете да зборувате за војна,без да ја покажете. Можете да зборувате за загуба,осаменост,насилство,различност,страв…но на начин на кој детето може да ги препознае и обработи тие чувства. Јас не сакам дете да излезе од театар исплашено од светот. Сакам да излезе со чувство дека ,колку и да е животот понекогаш тежок,во него постојат пријателство,храброст, љубов…..и најважно за мене -надеж.

Фантазијата понекогаш ни помага полесно да ја разбереме реалноста .

Трн: Кога една детска претстава станува добра и за возрасниот што седи во публиката?

Катарина: Кога е навистина добра претстава! Јас искрено не ја сакам поделбата на претстави : ” Е ова е само за деца” Големата уметност секогаш има повеќе слоеви. Детето може да гледа приказна за некој кој се плаши да остане сам, а возрасниот покрај него,можеби во истата приказна ќе ја препознае сопствената осаменост. Детето ќе се насмее на една ситуација, возрасниот на друга.

И најубаво е кога гледам како после претстава родител и дете разговараат за тоа што го виделе.

Тогаш претставата не завршила со аплаузот. Таа излегла од театарот заедно со нив.

Трн: Кое е најголемото недоразбирање за детскиот театар – дека е поедноставен и помалку сериозен затоа што е „само за деца“?

Катарина: Да. И мене лично ми пречи тоа “само” Или: “Тоа е детска претстава,полесно е” Не. Воопшто не е полесно. Напротив!

Детската публика е една од најтешките пред кои актер може да застане. Затоа што тоа чувтвува кога нешто е лажно.

И има уште нешто што како актерка многу го чувствувам: за некое дете во салата,можеби вашата претстава е првата која ја гледа во животот. Тоа е огромна одговорност. Од тоа можеби ќе зависи дали детето повторно ќе посака да влезе во театар. Затоа јас никогаш не сум играла “само за деца”. Играм за публика.

Мала по години, но огромна по фантазија.

Трн: ИФДТ „Игор Маџиров“ годинава го има своето петто издание. Што најмногу се променило од првото издание до денес – во фестивалот, во публиката и во амбицијата?

Катарина: На почетокот имате идеја и огромна желба. Но фестивал не се создава само со едно издание.Фестивалот мора да расте, да создаде карактер и , што е најважно,да создаде своја публика . Со секое ново издание расте и одговорноста. Неможете петтата година да им понудите исто што и првата. Расте и нашата меѓународна амбиција. Расте се, освен финансиските средства.

Би сакала фестивалот да биде место каде што во Скопје ќе се сретнат различни култури, актерски школи, кукларски традиции ,нови театарски форми. Незнаете колку новини има во оваа наша дејност што би требале да се видат кај нас. Малкумина знаат и дека куклените претстави не се само за деца. Туку и за возрасни. И дека има т.н објект театар во кој предметите имаат душа и карактер.

Идејата на еден ваков меѓународен фестивал е, барем на една вечер,некоја друга земја ,да прикаже дел од нејзините приказни кај нас,во Скопје-преку театарот.

Трн: Според што ја градите фестивалската програма? Што мора да има една претстава за да кажете: „Ова треба да го видат децата во Скопје“?

Катарина: Ова е можеби најтешкото прашање,затоа што како селектор,морам малку да ја замолчам актерката во себе 🙂 Гледам визуелен концепт,кукларски техники, иновативност ,музика,драматургија,режија и се разбира, актерска игра. Но на крајот секогаш си поставувам едно многу едноставно прашање : Што ќе понесе детето или возрасниот од оваа претстава?

Немора тоа секогаш да е поука. Не треба да е училишна лекција театарот.

Ама доволно е за првпат да се види поинаков начин на театарско раскажување. Да се понесе емоција. Смеење можеби..Една слика. Едно прашање. Мене ме интересира претстава што го почитува детето како интелегентно суштество.

И кога гледам нешто и во некој момент заборавам дека сум селектор,престанувам да анализирам ,туку само ја следам приказната-тогаш обично си велам: “Да, ова сакам да го види нашата публика во Скопје”.

Трн: Ако едно дете можеше да ви постави само едно прашање за фестивалот, што мислите дека би ве прашало?

Катарина: Веројатно ништо од она вие што ме прашавте. Верувам дека би прашало: ” Која е најубавата претстава на фестивалот”? А јас нема да знам што да му одговорам,освен: “Ти ќе ми кажеш која ќе биде најдобрата” .

И не за бадијала имаме и детско жири, кое неможете ни да замислите со каква одговорност си ја завршува задачата.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс