Изложба во МСУ ги открива врските на Скопје со Биеналето во Сао Паоло

Поставката со куратор Благоја Варошанец и кокуратор Ива Димовски се отвора на 20 ноември во 12 часот, претставувајќи дела од светски и домашни автори.

Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ) на 20 ноември во 12 часот ја отвора изложбата „Врските на МСУ – Скопје со Биеналето во Сао Паоло“. Поставката, чиј куратор е Благоја Варошанец, а кокуратор Ива Димовски, ја истражува меѓународната историја на музејската колекција. Фокусот е ставен врз уметниците чии дела се чуваат во скопскиот музеј, а кои во втората половина на 20 век учествувале на едно од најзначајните светски биеналиња.

Историјата на МСУ – Скопје е директно поврзана со меѓународната солидарност и уметничката размена по катастрофалниот земјотрес во градот во 1963 година. Музејот е основан во 1964 година како резултат на таа глобална поддршка, развивајќи ја својата колекција како простор каде што се среќаваат различни уметнички култури и пристапи.

Биеналето во Сао Паоло е основано во 1951 година и претставува клучна платформа за меѓународна размена на модернистички и современи практики. Преку делата на авторите што изложувале во Бразил, новата поставка во Скопје ја претставува музејската колекција како жива архива на историски сведоштва и културни врски меѓу двата града.

Меѓународниот опсег на скопската колекција се огледа преку присуството на значајни имиња од европската и светската модерна уметност. Во овој сегмент се застапени дела од Фернан Леже, Пјер Сулаж, Андре Масон, Пјер Алешински, Анри-Жорж Адам, Виктор Вазарели, Зао Ву-Ки, Алберто Бури, Винсент Хложник, Антони Клаве, Маноло Миљарес, Пјеро Дорацио, Дејвид Хокни, Ханс Хартунг, Ана-Ева Бергман, Александар Калдер, Џаспер Џонс и Рафаел Каногар.

Посебно место во поставката има словачкиот уметник Рудолф Кривош. Неговото учество на Биеналето во 1963 година, заедно со Винсент Хложник, е директно поврзано со подоцнежната донација на негово дело во МСУ. Врските со латиноамериканската сцена, пак, се претставени преку Алфредо Волпи, Карлос Круз-Диез, Хесус Рафаел Сото, Роберто Мата, Марија Бономи, Луис Камницер и Вифредо Лам.

Во југословенскиот контекст, историјата на учествата на Биеналето во Сао Паоло ја одбележуваат Петар Лубарда, Крсто Хегедушиќ, Ордан Петлевски, Драгутин Аврамовски-Гуте, Миодраг Миќа Поповиќ, Мариј Прегељ, Златко Прица, Владимир Величковиќ, Габриел Ступица, Јанез Берник, Едо Муртиќ, Коста Ангели Радовани, Димитар Кондовски, Томо Шијак, Мирослав Шутеј, Вјенцеслав Рихтер и Славко Тихец.


По осамостојувањето на Македонија, меѓународното претставување на Биеналето во Сао Паоло продолжува со учествата на Јован Шумковски, Виолета Блажевска и Богдан Грабуловски. Изложбата ја обновува основачката идеја на МСУ дека уметноста ги надминува географските граници и дека меѓународната соработка е траен предуслов за културен развој.

е-Трн да боцка во твојот инбокс