Шест намирници што содржат повеќе магнезиум од бадемите: Некои од нив се вистински хранливи „суперѕвезди“

Спанаќот, семките од тиква, киноата и уште три намирници можат да помогнат во задоволувањето на дневните потреби од овој важен минерал.

Бадемите често се препорачуваат како добар извор на магнезиум – минерал важен за работата на мускулите и нервниот систем, регулирањето на крвниот притисок и здравјето на коските. Но, постојат и други намирници што содржат значително повеќе магнезиум, а лесно можат да се вклучат во секојдневната исхрана.

Во 28 грама бадеми има околу 78 милиграми магнезиум. За споредба, препорачаниот дневен внес за мажите е 420 милиграми, а за жените 320 милиграми, пренесува „Риал Симпл“.

„Магнезиумот е есенцијален минерал што ја поддржува работата на мускулите и нервите, помага во контролата на шеќерот во крвта, регулирањето на крвниот притисок и одржувањето на здравјето на коските“, објаснува нутриционистката Кристен Лоренц.

Тој е неопходен и за производството на енергија, синтезата на протеините и обновувањето на ДНК.

„Магнезиумот е минерал што извршува многу задачи и овозможува правилно функционирање на сè – од отчукувањата на срцето до метаболизмот“, додава Лоренц.

Иако бадемите можат да придонесат за задоволување на дневните потреби од магнезиум, тие не се единствената можност. Нутриционистите издвојуваат шест намирници што содржат повеќе од овој минерал.

1. Спанаќ

<text>Sодржина на магнезиум: 157 милиграми во една шолја варен спанаќ</text>

Спанаќот има бројни здравствени придобивки, а високата содржина на магнезиум е една од нив. Според податоците на американското Министерство за земјоделство (УСДА), една шолја варен спанаќ содржи 157 милиграми од овој минерал.

„Спанаќот придонесува и за здравјето на коските, а благодарение на содржината на калиум и нитрати може да помогне во намалувањето на крвниот притисок“, вели Лоренц.

Можете да додадете една рака спанаќ во супа, чорба или друго варено јадење. Добро се комбинира и кратко пропржен со лук, во тестенини или во омлет.

2. Семки од тиква

Семките од тиква се меѓу најбогатите извори на магнезиум. Порција од 28 грама содржи 156 милиграми од овој минерал, според податоците на УСДА.

„Семките од тиква содржат речиси двојно повеќе магнезиум од бадемите, како и значителни количества цинк, железо и растителни протеини“, објаснува Лоренц.

Тие обезбедуваат и мононезаситени масти, корисни за срцето, влакна што придонесуваат за здравјето на цревата и антиоксиданси што го поддржуваат имунолошкиот систем, вели нутриционистката Меди Пасквариело. Лоренц предлага печените семки од тиква да ги додадете во овесна каша или салата. Можете да ги јадете и самостојно како ужина, сурови или печени, со зачини или без нив. Добро се комбинираат и со смути и јогурт.

3. Киноа

Една шолја варена киноа обезбедува 120 милиграми магнезиум, посочува Пасквариело.

„Киноата е добар извор и на влакна и протеини, а придонесува за здравјето на цревата и имунолошкиот систем“, вели таа.

Може да ја користите како замена за ориз – во оброци со зеленчук, салати или како прилог. Одлична е и за појадок: послужете ја топла со кокосово млеко, малку јаворов сируп и овошје, предлага Лоренц.

4. Црн грав

Ако сакате да го зголемите внесот на магнезиум, црниот грав е добар избор. Една шолја варен црн грав содржи 120 милиграми од овој минерал, според податоците на УСДА. Освен тоа, оваа мешунка е одличен извор на протеини, влакна и микронутриенти, меѓу кои фолати, манган, железо, калиум и витамин Б6.

Овие хранливи материи придонесуваат за здравјето на цревата и срцето, а имаат улога и во регулирањето на шеќерот во крвта.

Пасквариело сака да додава црн грав во супи, чорби и чили, но од него може да се подготват и вегетаријански плескавици. Лоренц предлага и подготовка на намаз од црн грав, кој може да се послужи како ужина.

5. Чиа-семки

Според податоците на УСДА, 28 грама чиа-семки, односно околу две супени лажици, содржат 95 милиграми магнезиум. Тие се богати и со антиоксиданси, омега-3 масни киселини и влакна, поради што се сметаат за хранливо вредна намирница.

Чиа-семките често се користат за подготовка на чиа-пудинг – десерт или ужина што се добива со нивно мешање со млеко или јогурт. Можете да ги додадете и во овесни снегулки што се оставаат преку ноќ во млеко или јогурт.

Сепак, поради високата содржина на влакна, не треба нагло да го зголемувате нивниот внес ако досега ретко сте ги консумирале. Исто така, не се препорачува да ги јадете суви, туку претходно да ги измешате со течност.

„Препорачувам да ги оставите да набабрат и да формираат гел пред консумирањето, за да ги искористите нивните придобивки и да избегнете дигестивни тегоби“, објаснува Пасквариело.

6. Ленено семе

Вообичаена порција ленено семе е една супена лажица, наведува Пасквариело. Но, ако вашиот дигестивен систем добро ја поднесува поголемата количина, две супени лажици, односно околу 28 грама, обезбедуваат 80 милиграми магнезиум.

„Лененото семе содржи и микронутриенти како тиамин и манган“, вели Пасквариело.

Тиаминот е витамин од групата Б, додека манганот има важна улога во функционирањето на мозокот и имунолошкиот систем.

Лененото семе лесно може да се вклучи во секојдневната исхрана. Додајте го во јогурт, овесна каша или смути, или посипете го врз свежо овошје и салати.


Разновидната исхрана со зелен лиснат зеленчук, мешунки, семки и интегрални житарки може да помогне во обезбедувањето доволно магнезиум. Наместо да се потпирате само на една намирница, комбинирајте различни извори и приспособете ги количините на сопствената толеранција и потреби.

е-Трн да боцка во твојот инбокс