ЕГЗИТ фестивалот официјално го најави враќањето во Србија од 1 до 4 јули 2027 година. Организаторите соопштија дека првиот ден ќе биде посветен на студентите од Србија, за кои влезот ќе биде бесплатен.
„Враќањето дома што сите го чекавме! Официјално е! Од 1 до 4 јули 2027 година повторно ќе се собереме за да ги славиме музиката, слободата, единството и љубовта“, објавија од фестивалот на официјалниот профил на Инстаграм, пренесува „Данас“.
Организаторите најавуваат дека ова специјално издание ќе го означи враќањето на легендарните фестивалски сцени Денс арена и Но Слип, како и низа други изненадувања. Изданието во 2027 година ќе биде вовед во целосното враќање на ЕГЗИТ во 2028 година. Влезниците за фестивалските денови од 2 до 4 јули наскоро ќе бидат пуштени во продажба. Првиот ден, 1 јули, ќе биде наменет исклучиво за студентите од Србија, кои ќе можат да влезат бесплатно.
„На тој начин сакаме да им оддадеме признание за нивната храброст, решителност и непоколеблива борба за слобода и подобра иднина на нашата земја“, порачаа организаторите.
Од ЕГЗИТ велат дека со нетрпение го очекуваат повторното дружење со публиката.
„Следното поглавје од нашата приказна почнува со вас! Ни недостигавте, ни недостигаше магијата што ја создаваме заедно и едвај чекаме повторно да ја почувствуваме“, се наведува во објавата.
Повеќе детали за програмата, изведувачите и организацијата на фестивалот ќе бидат објавени дополнително.
