Со палење свеќи и пораки „Стоп за фемицидот“, „Гласни против насилството“ и „Ниту една повеќе“, вечерва во Градскиот парк во Богданци започна мирниот протест во чест на 17-годишната Билјана Кириќ, која беше убиена пред неколку дена.
Во паркот се собраа жители на Богданци, Гевгелија и околните населени места, меѓу кои соученици, пријатели и сограѓани на Билјана.
Со запалени свеќи и транспаренти, присутните ѝ оддаваат почит на 17-годишната Билјана и испраќаат порака против насилството врз жените.
Протестот се одржува под пораката „Стоп за фемицидот“, а од собирот се бара одговорност, поголема заштита на жените и итна реакција од институциите.
Билјана на 30 септември пријавила физичко насилство од својот 21-годишен партнер, по што тој бил приведен и против него била поднесена кривична пријава.
На 16 октомври биле изречени привремени мерки за заштита, меѓу кои и забрана за приближување и вознемирување. И покрај тоа, на 3 ноември девојката била пронајдена мртва во опожарен автомобил, а во близина било пронајдено и телото на нејзиниот партнер.
Според првичните информации од Обвинителството, доказите упатуваат на убиство и самоубиство, но конечните околности треба да ги утврди истрагата.
Случајот предизвика реакции во јавноста, особено поради фактот што насилството претходно било пријавено и биле изречени мерки за заштита. Останува отворено прашањето дали надлежните институции соодветно го процениле ризикот и дали можеле да преземат дополнителни мерки за да ја заштитат малолетната девојка.
Во недела, на 8 ноември, во 12 часот, во паркот „Жена Борец“ во Скопје е најавен уште еден протест под мотото „Ниту една повеќе“. Организаторите бараат целосна истрага за убиството на Билјана, утврдување на евентуалните институционални пропусти и поефикасна заштита на жените и девојките од насилство.
