Први мај секоја година доаѓа со истата реторика, онаа за трудот, за правата и за достоинството на работникот. Но прашањето што речиси никогаш не се отвора доволно, е тоа за кој работник точно зборуваме? Затоа што зад универзалниот збор „работник“ сè уште најчесто стои мажот како единица мерка, а жената како исклучок што треба да се „вклопи“ во систем кој не е направен за неа, ниту за нејзината плата, за нејзиното време, а најмалку за нејзиниот втор, неплатен работен ден дома.
Ако работничките права навистина значат еднаквост, тогаш тие не можат да се разгледуваат без женското искуство и надвор од женскиот контекст. Затоа што нееднаквоста не почнува на работното место, таа продолжува и дома, во секојдневието, во навиките што одамна сме престанале да ги преиспитуваме.
И токму затоа, секој Први мај е и потсетник дека борбата за работнички права не е завршена ако половина од работниците сè уште ја живеат истата нееднаквост но во различна форма.

Да почнеме со почетокот, затоа што почетокот е важен
На 4 мај 1886 година, на плоштадот Хајмаркет во Чикаго, полицијата пукала во штрајкувачите кои барале осумчасовен работен ден. Работниците биле убивани во јавност за тоа што барале да не работат повеќе од осум часа на ден.
Денес го прославуваме тој ден, но честопати забораваме еден детал: жените, кои биле масовно присутни во фабриките на крајот на 19 век, биле речиси целосно исклучени од синдикатите кои се бореле за тие права. Нивниот труд бил вреден само додека ги пополнувале местата на мажите кои тргнале на фронтот, штрајкувале или барале поголема плата. Штом мажите ќе се вратиле, жените биле испраќани дома. Домот е исто така работно место, се разбира. Само нема плата.
Советскиот сојуз ги пуштил жените на пазарот на труд со пет-годишните планови, но тоа не значело еднаквост. Тоа значело дека жените добиле две смени: осум часа во фабриката и осум часа дома. Подоцна тоа ќе го наречат „двојната смена”. Еден термин кој звучи неутрално, скоро административно. Реалноста зад него е исцрпувачка.
Во Македонија, жената правно добила право на глас и право на работа во социјалистичката Југославија, по 1944 година. Официјално. На хартија. Реалноста на терен, секако, имала друга слика.
Денес, осумдесет години подоцна, жените во Македонија сочинуваат 46 отсто од вработените. Половина работна сила. Скоро еднакви по број.
Светскиот Економски Форум во Извештајот за глобалниот родов јаз за 2025 година констатирал дека Македонија забележала еден од највисоките падови во рангирањето, за 32 места, на 90-та позиција. Тоа е голем пад на глобално ниво во 2025 година. Не напредок. Пад!
А платите? Жените во Македонија имаат 25 отсто помалку веројатност да добијат покачување на плата, отколку нивните машки колеги. Зачудувачки? Воопшто не. Сосема познато и за жал нормално.
На глобално ниво, родовиот платен јаз расте со текот на кариерата: 12 отсто разлика на почетокот, 19 отсто по десет години, 25 отсто по триесет години. Со возраста, мажите добиваат покачувања. Жените стагнираат. Жените извршни директорки заработуваат 69 центи за секој долар заработен од нивните машки колеги на иста позиција.
Казнувањето на мајчинството, познато во академската литература како „motherhood penalty”, е особено жестоко. Жените преземаат повеќе обврски за грижа за децата и честопати работат со скратено работно време или прават паузи во кариерата. Тие паузи го успоруваат напредувањето и растот на платата. А мажите? Нивните плати растат. Тоа го нарекуваат „fatherhood bonus”. Бонус за татковство. Казна за мајчинство. Во иста економија, со иста биологија.

На лидерски позиции?
Во европскиот технолошки сектор, жените сочинуваат 40 отсто од работната сила, но само 21 отсто од извршните позиции. Бројките во Македонија се уште понеповолни. Во приватниот сектор жените се надоврзуваат на средните менаџерски позиции и таму запираат. Лидерскиот „кат“ е скоро целосно машки.
Постои термин за тоа: „стаклен таван”. Транспарентна бариера. Жената ги гледа позициите горе. Не може да стигне до нив. Тие не се недостапни поради некаков закон, поради некоја табла на која пишува „само за мажи”. Тие се недостапни поради систем кој е изграден на претпоставката дека оној кој одлучува нема обврски дома, нема деца кои треба да бидат подигнати, нема семеен живот кој бара присуство. Тоа е претпоставката за „идеален работник”, и таа претпоставка е, структурно, претпоставка за маж. Жената е и таа која треба да раѓа нова работна сила. За може економијата да работи.
Ова не е проблем кој жените треба да го решат сами. Ова е структурен и политички проблем.
Борбата за работнички права и борбата за женски права не се паралелни приказни кои случајно тргнале во ист правец. Тие се иста борба. Секогаш биле. Жените кои ги извојувале работничките права биле игнорирани од синдикатите. Жените кои ги извојувале женските права биле игнорирани од работничките движења. Оттука, тие треба да се борат на два фронта истовремено, да бидат вдвојно неуморни, вдвојно гласни.
Феминизмот не е непријател на синдикализмот. Феминизмот е логичен продолжеток на секоја борба за правда на работното место. Не можеш да се бориш за достоинствен труд и паралелно да игнорираш дека половина од трудот е платено 25 отсто помалку. Не можеш да бараш почитување на работниот договор и паралелно да молчиш за тоа дека мајчинството ги казнува оние кои родиле и раснат деца. Не можеш да го прославуваш Хајмаркет и паралелно да ги заборавиш жените кои исто така биле таму, исто така работеле, исто така биле убивни и исто така биле избришани од историјата.

JPMorgan неодамна издаде анализа со заклучок дека жените нема да постигнат платна рамноправност со мажите уште 134 години.
134 години! Ако тоа не е системски проблем, не знам што е.
На прв мај, кога ги прославуваме работнчките права, прашајте ги жените во вашата компанија колку заработуваат. Прашајте ги дали некогаш почувствувале дека биле занемарени за унапредување. Прашајте ги дали некогаш молчеле за платата бидејќи знаеле дека ако прашаат, нема да добијат. Прашајте ги колку часа работат откако ќе дојдат дома.
Потоа слушајте. И тоа веројатно ќе биде најважното нешто што ќе го направите на тој ден. Затоа што прославувањето на трудот без признавањето на трудот на жените не е прослава. Тоа е традиција на заборавање преправена во традиција на слава.
Среќен Прв мај. Но само ако значи нешто.
