Словенечкиот парламент усвои измени на Законот за влада со кои бројот на министерства се намалува од 19 на 14, со 49 гласа „за“ и 4 „против“. Предлогот беше поднесен од СДС на Јанез Јанша и веднаш ја отвори темата за ново парламентарно мнозинство. Во обид да се постави основа за нова влада, словенечкиот парламент усвои измени со кои идниот владин кабинет би бил помал и би имал 14 наместо досегашните 19 министерства.
Новите измени предвидуваат рационализација на владината структура преку спојување на дел од ресорите и укинување на одредени министерства, со цел поефикасно управување и намалување на административните трошоци. Наместо досегашните 19, новата владина поставеност ќе има 14 министерства, но оваа структура ќе важи дури по формирањето на нова влада.
Измените добија поддршка од СДС, НСи, СЛС, „Фокус“, „Демократи“ и „Ресница“, што се толкува како јасен сигнал за можно коалицирање. Со овие гласови, десниот блок се доближува до потребните 46 пратеници за формирање влада во парламент од 90 членови.
Претседателката Наташа Пирц Мусар одби да додели мандат за состав на влада, оценувајќи дека ниту една опција нема стабилно мнозинство. Таа процесот го препушти на парламентот, каде пратениците ќе треба сами да предложат кандидат.
Во меѓувреме, техничкиот премиер Роберт Голоб призна дека не успеал да обезбеди поддршка за нова влада, иако неговото Движење за слобода освои најмногу мандати. Политичката сцена во Словенија влегува во нова фаза на преговори со неизвесен исход.