Трендот на овесно млеко носи скриени шеќери и е ризик за килограмите

Растителните пијалаци содржат двојно помалку протеини од кравјото млеко и минерали што организмот потешко ги апсорбира

Овесните напитоци на полиците во маркетите и во кафулињата сè почесто го заменуваат кравјото млеко, но нутриционистите предупредуваат дека оваа навика носи скриени нутритивни замки. За разлика од животинското млеко, растителните алтернативи од овес имаат значително помалку протеини и содржат брзи шеќери што можат да го отежнат одржувањето на телесната тежина и да влијаат врз здравјето на забите и коските.

Една чаша стандардно кравјо млеко обезбедува околу осум грама протеини, додека овесниот напиток содржи помеѓу два и четири грама. Оваа разлика директно влијае врз ситоста по оброкот. Д-р Сајмон Стинсон од Британската фондација за исхрана објаснува дека фитатите, природни соединенија присутни во овесот, ја намалуваат способноста на телото да го апсорбира додадениот калциум, иако производителите го збогатуваат пијалакот со овој минерал.

Покрај намалената искористливост на минералите, кај лицата што целосно преминуваат на овесни пијалаци се бележи и дефицит на јод и витамин Б12. Кравјото млеко природно ги содржи овие микронутриенти неопходни за правилната работа на штитната жлезда и нервниот систем, додека најголемиот дел од индустриските овесни напитоци не содржат јод во својот состав.

Овесните напитоци содржат значително повеќе јаглехидрати, а една чаша може да содржи до седум грама шеќер. Д-р Дуан Мелор од Универзитетот Астон посочува дека дури и верзиите на кои пишува дека немаат додаден шеќер содржат природно создадена малтоза. Таа се однесува како слободен шеќер во крвотокот, предизвикува брзи скокови на гликозата и го зголемува ризикот од оштетување на забите.


Комбинацијата од брзи шеќери и ниско ниво на протеини создава услови за брзо враќање на гладот. Кога пијалакот не обезбедува долготрајна ситост, телото бара дополнителна храна во текот на денот, што доведува до поголем вкупен калориски внес и зголемување на телесната тежина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс