Германската домашна разузнавачка служба (BfV) упати официјално предупредување до бизнис лидерите дека странски тајни агенции активно користат лични и интимни односи за компромитација и уцена. Реакцијата на Берлин доаѓа непосредно по објавените извештаи во САД за извршниот директор на американскиот производител на микрочипови Nvidia, Џенсен Хуанг, чии приватни контакти се најдоа под безбедносен сомнеж.
Сојузната канцеларија за заштита на уставниот поредок на Германија (BfV) за деловниот дневник Handelsblatt појасни дека таканаречените „медени стапици“ не се минато, туку актуелна тактика за компромитација. Целта на овие операции е преку создавање интимна или емотивна блискост целта да се доведе во ранлива положба.
Оперативците прво со месеци детално го профилираат животот, навиките и слабостите на метата. Дури потоа следи внимателно испланиран контакт кој изгледа сосема случајно. Според германските безбедносни служби, крајната цел е уцена со која таргетираните директори се принудуваат на свесна или несвесна соработка, особено во индустриите што развиваат критична технологија и вештачка интелигенција.
Поводот за јавното предупредување на германската служба се медиумските извештаи од САД за Џенсен Хуанг. Првиот човек на технолошкиот гигант Nvidia се најде во фокусот на американските безбедносни кругови поради вонбрачна врска со кинеска претприемачка, за која постојат сомневања за директна поврзаност со разузнавачките структури на Пекинг.
Во трката за супериорност во производството на микрочипови, човечкиот фактор останува најранливата алка. Директорите кои управуваат со интелектуална сопственост вредна стотици милијарди долари стануваат примарни цели токму надвор од своите канцеларии и безбедни серверски сали.
