Маѓар постави услов за деблокада на патот на Украина кон ЕУ

Петер Маѓар најави дека Унгарија ќе бара поголеми права за унгарското малцинство во Украина пред да даде поддршка за напредокот на Киев кон членство во Европската Унија.
epa12885597 President of the opposition Tisza Party Peter Magyar holds a press conference during the party's election night watch event after the closing of the polling stations for the general election in Budapest, Hungary, 12 April 2026. EPA/Tibor Illyes HUNGARY OUT

Идниот унгарски премиер Петер Маѓар постави услов за поддршка на натамошниот напредок на Украина кон членство во Европската Унија, барајќи претходно да бидат обезбедени поголеми права за унгарското малцинство во Украина.

Според информациите на агенцијата Блумберг, ова прашање било отворено за време на неговата средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, одржана во Брисел. Европската Унија во последниот период врши притисок врз Будимпешта да ја напушти досегашната блокада на формалниот почеток на пристапните преговори со Киев.

Маѓар, според извори блиски до разговорите, ги повторил барањата што претходно ги постави поранешниот премиер Виктор Орбан, а кои се однесуваат на правата на унгарското малцинство во Украина, особено во делот на образованието на унгарски јазик.

Иако средбата со Кошта ја оцени како „корисна и конструктивна“, дипломатски извори наведуваат дека атмосферата не била толку позитивна како на неговиот претходен состанок со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Цврстиот став на Маѓар веројатно ќе предизвика разочарување во Киев и Брисел, каде постоеја очекувања дека политичките промени во Унгарија ќе отворат простор за побрз напредок на Украина кон ЕУ.

Од друга страна, украинските власти тврдат дека правата на унгарското малцинство се целосно заштитени и дека се исполнети условите за отворање на првата фаза од пристапниот процес.

Маѓар најави дека во јуни планира посета на Закарпатската област, каде би разговарал со украинскиот претседател Володимир Зеленски за ова прашање. Тој порача дека решавањето на прашањето за националните малцинства ќе биде клучно за воспоставување стабилни и добрососедски односи меѓу Унгарија и Украина.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни