Дигиталното евро сè поблиску – првите плаќања во 2027 година

Европската централна банка (ЕЦБ) ги забрзува подготовките за дигиталното евро, чија пробна употреба треба да започне во втората половина на 2027 година.

Доколку Европската Унија го усвои потребниот законски пакет до крајот на годинава, новата форма на европската валута би можела да биде подготвена за прво издавање во 2029 година.

Членот на Извршниот одбор на ЕЦБ, Пјеро Чиполоне, на 10 ноември пред Комитетот за економски и монетарни прашања на Европскиот парламент изјави дека усвојувањето на законската рамка е неопходно за завршување на подготовките и утврдување на можниот датум за воведување на дигиталното евро.

Според него, одложувањето на европските законодавни преговори би можело да го помести и почетокот на неговата употреба.

Европскиот парламент ја усвои својата позиција за законскиот пакет на 9 јули 2026 година, а сега се водат преговори меѓу Парламентот, Советот на ЕУ и Европската комисија. Целта е договор да биде постигнат до крајот на годината.

Пилот-проектот на дигиталното евро треба да започне во втората половина на 2027 година и да трае 12 месеци. Во тестирањето ќе учествуваат банки, платежни институции, избрани трговци и вработени во Евросистемот.

ЕЦБ веќе избра 36 даватели на платежни услуги, меѓу повеќе од 50 пријавени кандидати. Преку пилот-проектот ќе се проверува дали дигиталното евро функционира сигурно при секојдневни плаќања, како купување во продавници и префрлање пари меѓу граѓани.

Пробната верзија нема да има статус на законско средство за плаќање и нема да биде достапна за општа употреба.

Дигиталното евро е замислено како електронска форма на парите што директно ги издава централната банка. За разлика од криптовалутите, неговата вредност би била еднаква на вредноста на обичното евро.

Тоа би им овозможило на граѓаните да плаќаат дигитално со пари издадени од ЕЦБ, а не само преку постојните банкарски и приватни платежни системи.

Од ЕЦБ нагласуваат дека дигиталното евро не е замислено како замена за готовината. Напротив, европските институции паралелно подготвуваат правила за заштита на употребата и прифаќањето на банкнотите и монетите.

Чиполоне посочи дека Европа мора да ја намали зависноста од странските платежни компании и да развие сопствена дигитална платежна инфраструктура.

Покрај техничките подготовки, ЕЦБ работи и на можностите за постепено воведување на новата валута, за банките, трговците и останатите учесници да имаат доволно време за приспособување.

Во првата половина на 2027 година ќе продолжи и тестирањето иновативни платежни решенија, вклучувајќи условни плаќања и можности за примена на вештачката интелигенција.


Сепак, 2029 година не е конечен датум за пуштање на дигиталното евро во оптек. Управниот совет на ЕЦБ ќе донесе посебна одлука за неговото издавање дури по усвојувањето на законската рамка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс