Главниот државен ревизор Максим Ацевски и претседателот на Собранието Африм Гаши се функционерите кои пријавиле најмногу подароци во текот на 2025 година, покажува новиот каталог што го објави Државна комисија за спречување на корупцијата.
Каталогот, објавен како дел од механизмите за транспарентност и спречување судир на интереси, содржи вкупно 55 пријавени подароци од избрани и именувани лица.
Кај Ацевски доминираат протоколарни сувенири добиени за време на службени средби и официјални посети меѓу нив рамка со народна носија, декоративна вазна, украсен брод, керамички сувенири и босански кралски дукат.
Кај Гаши, пак, листата вклучува повпечатливи предмети: златен меч во рамка, бисер во златна школка, рачно изработена порцеланска вазна, скулптура во форма на коњска глава, како и златни и сребрени монети.
Во регистарот на подароци пријавени од вработени се наведени 12 ставки, меѓу кои книга, брендирани канцелариски материјали, три клима-уреди и уметнички предмет. Од ДКСК посочуваат дека објавувањето на овие податоци треба да ја зајакне довербата на јавноста и да обезбеди поголема отчетност кај носителите на јавни функции.
Сепак, каталогот отвора и пошироки прашања што се случува со овие подароци по нивното пријавување, како се проценува нивната вредност и дали сите функционери подеднакво ја исполнуваат оваа законска обврска.
Во услови на ниска доверба во институциите, ваквите регистри остануваат важен тест за транспарентноста и интегритетот на јавната администрација.