Аако климатските прашања ретко беа директна тема на гласачките ливчиња, антиклиматските политики на Трамп влијаеја врз изборниот исход.“ Ова е оценката на климатските експерти по победата на демократите на американските меѓуизбори, на кои партијата освои мнозинство во двата дома на Конгресот.
Демократите победија и во сојузни држави во кои републиканците со децении имаа силна поддршка, вклучително и во места каде што Доналд Трамп пред само две години победуваше со двоцифрена разлика. Резултатите ги открија незадоволството на гласачите од високите цени, војната со Иран и климатската политика на американската администрација.
„Енергетската безбедност, достапноста, квалитетните работни места и отпорните заедници сега претставуваат единствена, поврзана агенда. Со вчерашното гласање беа отфрлени политиките што ги влошија сите овие прашања“, вели Лиса Сакс, вонредна професорка на Климатската школа при Универзитетот Колумбија.
Политиките на Трамп беа сериозен удар за климатските мерки во САД, втората земја во светот според емисиите на стакленички гасови, веднаш зад Кина. Според организацијата „Климат акшн тракер“ (Climate Action Tracker), американската влада активно ја попречува транзицијата кон чиста енергија, додека истовремено го поттикнува производството и потрошувачката на фосилни горива.
Може ли Конгресот под контрола на демократите да ги поништи антиклиматските политики на Трамп? Дали може да придонесе за надминување на енергетската криза предизвикана од војната со Иран? И какви последици може да почувствува Европа? „Еуроњуз“ разговараше со климатски експерти за можните сценарија.
Дали сметките за енергија во Европа ќе се намалат?
Сметките за енергија низ Европа значително пораснаа по нападот на САД врз Иран, кој предизвика немири и човечки жртви на Блискиот Исток, како и големи трошоци за американските даночни обврзници. Оштетувањето на нафтената и гасната инфраструктура, како и затворањето на Ормускиот Теснец, го ограничија снабдувањето со енергенси и предизвикаа раст на цените на светските пазари.
Трамп веќе призна дека војната со Иран имала улога во изборниот пораз на неговата партија. Во интервју за „Фокс њуз“ изјави: „Мислам дека дел од причините беше Иран, но истовремено луѓето ја разбраа важноста на она што го направив со Иран“.
За да ја прекинат војната, новоизбраните демократски сенатори би морале да обезбедат поддршка од две третини од членовите на двата дома на Конгресот за повлекување на американските сили. Тоа би значело дека за таква одлука би морале да гласаат и дел од републиканците.
Сепак, и без такво гласање, демократите ќе имаат можност да влијаат врз воените активности преку построги ограничувања на воениот буџет и барања за истраги за војната. Затоа, краткорочното намалување на сметките за енергија не е извесно, но политичките околности отвораат повеќе простор за промени отколку пред изборите.
Може ли емисиите во САД да се намалат под водство на демократите?
Како втора земја во светот според емисиите на стакленички гасови, САД имаат голема одговорност за глобалното затоплување. Бидејќи климатските промени ги погодуваат сите земји, неопходно е секоја држава да го забрза преминот од фосилни горива кон почисти извори на енергија, како ветерот и сонцето.
Политиката на Трамп, позната под слоганот „Drill, baby, drill, значеше посилно потпирање на фосилните горива, кои создаваат високи емисии, и повлекување од поддршката за обновливите извори, како сончевата и ветерната енергија.
Демократите би можеле да ја зголемат поддршката за обновливите извори и електрификацијата, но и да вршат построг надзор врз новите проекти за ископување нафта и гас, емисиите на метан и субвенциите за фосилни горива. Можат да се залагаат и за построги еколошки стандарди и нивно доследно спроведување.
Може ли Конгресот да ги поништи антиклиматските политики на Трамп?
Администрацијата на Трамп ослаби или укина голем број важни климатски мерки – од клучната научна процена од 2009 година, позната како „Наод за загрозување“ (Endangerment Finding), врз која се темелат федералните правила за ограничување на емисиите, до даночните олеснувања за чиста енергија.
Демократите нема да можат автоматски да ги поништат сите претходни одлуки, но со мнозинството во Конгресот добиваат нови инструменти за ограничување на последиците од политиките на Трамп.
Тие можат да покренуваат истраги за потенцијална корупција и судир на интереси, да ги испитуваат кратењата на персоналот и буџетите на еколошките агенции, како и да ги проверуваат плановите за проширување на производството на нафта и гас.
Демократите ќе имаат и поголемо влијание врз идните буџети и законите за јавни расходи, во кои би можеле да вклучуваат одредби за заштита на животната средина. Важна улога ќе има и Сенатот, кој ги потврдува именувањата на членовите на владата и федералните судии. Судиските мандати се доживотни, па одлуките за нивниот избор можат да имаат влијание и долго по завршувањето на претседателскиот мандат.
Сепак, Трамп и понатаму има право на вето врз законите што ќе ги усвои Конгресот. За да биде надминато ветото, потребна е поддршка од две третини од членовите на двата дома.
Промената на политичката власт во некои сојузни држави, кои од републикански преминаа во демократски, исто така може да донесе нов импулс за климатските и еколошките политики, вклучително и поголема поддршка за проекти за чиста енергија.
Ќе добијат ли обновливите извори предност пред дата-центрите?
Растечката изградба на дата-центри низ САД предизвикува сè поголем отпор кај локалните заедници. Според Лиса Сакс од Климатската школа при Универзитетот Колумбија, овие објекти ги зголемуваат емисиите, ги поскапуваат сметките за електрична енергија и се натпреваруваат со локалното население за водни ресурси, често во области каде што водата и онака е ограничена.
Големите технолошки компании често добиваат побрз пристап до електричната мрежа од проектите за обновлива енергија, како ветерните и соларните електрани. Тоа отвора прашања за начинот на кој се распределува ограничената енергетска инфраструктура и за тоа чии потреби имаат предност.
Незадоволството од високите цени на електричната енергија, влијанието на технолошките милијардери како Илон Маск и еколошките последици од дата-центрите можеби придонесоа дел од гласачите да се свртат против републиканците.
Иако Трамп укина или стопираше голем број проекти и финансиски програми за чиста енергија, изборната победа на демократите отвора можност за промена на курсот во државите каде што тие ја преземаат власта.
„Гласачите низ целата земја испратија силна порака, а избраните претставници во Вашингтон сега мора да почнат да работат за да им донесат олеснување на граѓаните. Еден од најјасните начини за тоа е да се поддржи преминот од валканите и загадувачки фосилни горива кон чиста, обновлива енергија“, вели д-р Ифе Килиманџаро, извршна директорка на американската мрежа „Климат акшн нетворк“
