Грчките власти утрово пронашле 12 починати лица на брод со мигранти што пловел јужно од островот Крит. Уште 18 лица од истото пловило биле спасени од товарен брод што минувал низ областа, соопшти грчката крајбрежна стража, а пренесе Асошиејтед прес.
Засега нема информации за идентитетот на загинатите, ниту за околностите под кои починале. Според крајбрежната стража, бродот бил откриен утрово на околу 28 километри јужно од Крит.
Пронајдени уште два чамци со мигранти
Грчката крајбрежна стража пронашла уште два чамци со мигранти јужно од Крит. Во едниот имало 47 лица, а во другиот 40. Сите се пренесуваат во пристаниште на јужниот брег на островот. Во последните месеци илјадници мигранти се обидуваат да ја поминат опасната морска рута од северна Африка до Грција.
Грција се наоѓа на една од најфреквентните миграциски рути кон Европа. По неа минуваат луѓе кои бегаат од војни, конфликти и сиромаштија во Африка, Блискиот Исток и Азија.
