Според податоци за кои се тврди дека се украдени од руската државна статистичка служба Росстат, во војната во Украина загинале повеќе од 450.000 Руси. Доколку бројките се точни, војната од 2022 година станала четврта најчеста причина за смрт во Русија, објави „Москоу тајмс“.
Русија официјално не ги објавува своите загуби на бојното поле од септември 2022 година, а независните процени редовно ги отфрла како недоверливи. Според објавените податоци, војната во Украина е најсмртоносниот конфликт за Русија од Втората светска војна, со далеку повеќе загинати отколку околу 13.000 советски војници во деветгодишната војна во Авганистан.
„Војната никогаш не била посмртоносна“
Росстат бил цел на кибернапад од 29 октомври до 1 ноември. Зад нападот стојат хакерските групи „Белоруски киберпартизани“ и „Сајлент Кроу“, кои на почетната страница на институцијата оставиле свои пораки. Двете групи, кои руските власти ги прогласиле за екстремистички организации, тврдат дека украле податоци за руската економија, демографијата и воените загуби.
„Ова е досега најзначајното протекување податоци за руските жртви“, изјави за „Москоу тајмс“ Јанис Клуге, раководител на одделот за Русија и Евроазија при Германскиот институт за меѓународни и безбедносни прашања.
„Мислам дека сега е потврдено дека војната никогаш не била посмртоносна отколку што е во моментов“, додаде тој.
Бројката од околу 450.100 загинати, која ја објавила групата „Сајлент Кроу“, не ги опфаќа само активните војници. Во неа се вклучени и цивили загинати во воздушни напади, како и за време на украинскиот упад во руската област Курск во 2024 година.
Вкупниот број на загинати би можел да биде и поголем, бидејќи базата не ги опфаќа исчезнатите војници, ниту околу 27.000 странски борци за кои се проценува дека биле регрутирани во руските вооружени сили.
Две хакерски групи, две различни бројки
„Москоу тајмс“ случајно избрал 50 имиња од базата што ја водат „Медиазона“ и руската редакција на Би-Би-Си, во која се евидентираат загинатите руски војници, и ги споредил со податоците објавени од „Сајлент Кроу“. Сепак, редакцијата не успеала целосно да ја потврди автентичноста на целата база.
„Белоруските киберпартизани“ објавиле помала бројка – 393.881 загинат. Разликата произлегува од различната методологија: оваа група ги броела воените лица и цивилите загинати во борбени дејства или од нивните долгорочни последици, додека „Сајлент Кроу“ вклучила и други категории смртни случаи.
И покрај разликите, објавените бројки се совпаѓаат со други процени за руските загуби. Британското Министерство за одбрана на почетокот на септември соопшти дека повеќе од половина милион луѓе загинале борејќи се на руската страна, додека вкупниот број жртви, вклучувајќи ги и ранетите, би можел да достигне 1,5 милиони.
Од почетокот на целосната инвазија врз Украина, на секој освоен квадратен километар територија, според анализата, загинале по 6,2 Руси. Цената на руското територијално напредување расте од година во година, иако движењето на фронтот забавува.
Податоците покажуваат дека не сите смртни случаи се последица на директни борби. Во 14.160 случаи се евидентирани смртни случаи на припадници на руските вооружени сили од неборбени причини, меѓу кои болести, сообраќајни несреќи и самоубиства. Повеќе од 32.000 луѓе починале од повреди здобиени најмалку една година претходно.
Најголем дел од загубите се регистрирани во Донецк
Според базата, 72 отсто од смртните случаи се регистрирани на територијата на таканаречената Доњецка Народна Република. Во десетмесечната битка за Бахмут, според објавените податоци, загинале повеќе од 20.000 руски војници.
Податоците се совпаѓаат со истражувањата што покажуваат дека етничките републики во Русија се несразмерно погодени од мобилизацијата и регрутирањето. Големите градови, како Москва, имаат помал удел во вкупниот број загинати отколку што би се очекувало според нивното население.
Истражувачката Марија Вјушкова изјави за „Москоу тајмс“ дека политиката на Кремљ за регрутирање, за некои од најмалите етнички заедници во Русија, претставува „истребување на цели народи“.
Мажите се привлекуваат во војската со плати што се значително повисоки од оние што можат да ги заработат во своите региони, како и со големи надоместоци за семејствата во случај на нивна смрт. На дел од нив им се нуди и можност да излезат од затвор.
Клуге оценува дека, иако бројките на Росстат се драматични, сами по себе веројатно нема да имаат големо економско влијание врз Русија. Според него, загинатите претставуваат околу половина процент од работоспособното население во земјата, кое брои околу 80 милиони луѓе.
„Главното значење, сепак, е политичко. Станува збор за тоа кој победува во оваа војна, а не може да се каже дека Русија победува ако губи население со вакво темпо“, изјави Клуге.
