Целиот жири на Меѓународната уметничка изложба на Венециското биенале поднесе оставка, предизвикувајќи сериозна криза на еден од најпрестижните светски настани за современа уметност, само неколку дена пред официјалното отворање на 9 мај.
Организаторите не ја соопштија официјалната причина за оставката, но потегот следува по жестоките контроверзии околу учеството на Русија и Израел на овогодинешната изложба. Петчленото жири, предводено од бразилската кураторка Соланж Фаркас, минатата недела соопшти дека, „во одбрана на човековите права“, нема да ги разгледува делата од земји чии лидери се соочуваат со обвиненија пред Меѓународниот кривичен суд.
Оваа одлука се однесуваше на Русија и Израел, откако Меѓународниот кривичен суд издаде налози за апсење на рускиот претседател Владимир Путин во врска со војната во Украина и на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху поради конфликтот во Газа.
Одлуката предизвика остри реакции. Израелскиот уметник Белу Симион Фаинару, кој годинава се претставува во Венеција, го обвини жирито за дискриминација и најави можни правни чекори.
Дополнителни тензии се појавија уште во март, кога организаторите најавија дека Русија повторно ќе учествува на Биеналето за првпат од почетокот на инвазијата врз Украина во 2022 година. Европската комисија предупреди дека може да ја укине или суспендира финансиската поддршка од два милиони евра доколку рускиот павилјон повторно биде отворен.
Директорот на Биеналето, Пјетранџело Бутафуоко, одби да попушти под политичкиот притисок, нагласувајќи дека фестивалот треба да остане простор за дијалог и соживот без цензура.
Во обид да ја смири кризата, организацијата соопшти дека годинава за првпат ќе им биде дозволено и на посетителите да гласаат, вклучително и за делата од Русија и Израел, додека доделувањето на наградите „Златен лав“ и „Сребрен лав“ ќе биде поместено за крајот на настанот во ноември.
Засега останува нејасно кој ќе ги избира добитниците и дали делата од Русија и Израел воопшто ќе останат во официјалната конкуренција.