Под превезот на незнаењето

Да гледавме со превезот на незнаењето, можеби ќе изградевме општество во кое трудот вреди повеќе од презимето, парите и партиската книшка.

Да го гледавме светот со превезот на незнаењето, ова парче земја можеби ќе беше најправично организирано место за живеење. Да ги гледавме луѓето од првобитната положба, можеби ќе сфатевме дека секој е еднаков уште пред да стане „некој“, уште пред да добие презиме, партиска книшка, семејна врска, наследена привилегија или туѓа врата што му се отвора пред да тропне.

Превезот на незнаењето, онака како што го замислуваше Џон Ролс, не е само филозофски концепт. Тој е едно болно едноставно прашање: какво општество би изградиле ако не знаеме каде ќе се родиме во него? Ако не знаеме дали ќе бидеме богати или сиромашни, моќни или невидливи, блиски до центарот на одлуките или заглавени во редици пред институции. Ако не знаеме дали ќе бидеме дете на функционер, дете на работник, дете на самохрана мајка, дете од село, дете со попреченост, студент без врски, млад човек без „грб“.

Ех, да можевме барем за миг да го погледнеме светот со превезот на незнаењето. Да не знаеме однапред каква позиција ќе заземеме во ова општество. Да не знаеме дали ќе бидеме оние што одлучуваат или оние што чекаат некој да одлучи за нив. Можеби тогаш ќе размислевме поинаку. Можеби тогаш немаше толку лесно да прифатиме дека за некои вратите се отворени, а за други и прозорците се затворени.

Во ова општество често не победува трудот, туку пристапот. Не секогаш знаењето, туку познанството. Не секогаш способноста, туку блискоста. Не секогаш биографијата, туку партиската книшка. И тоа сите го знаеме. Го знаеме во редовите пред шалтерите, во конкурсите што мирисаат на однапред избран кандидат, во огласите што траат колку што треба да траат за да изгледаат легално, во институциите каде што „ќе видиме“ значи „немаш човек“.

Да го гледавме човекот со превезот на незнаењето, можеби ќе го ценевме трудот пред лојалноста. Можеби ќе прашавме кој работел, кој учел, кој се борел, кој издржал, наместо кој е „наш“, кој е „нивни“, кој стои зад него и кој може да му заврши работа. Можеби ќе сфатевме дека неправдата не е апстрактна категорија. Таа е многу конкретна.

Таа е млад човек кој се откажал затоа што не можел да влезе таму каде што друг влегол без да се помачи. Таа е жена која работи повеќе, а напредува помалку. Таа е студент што учи до ноќ, а гледа како нечија просечност станува позиција. Таа е семејство што брои денари до крајот на месецот, додека некој друг ја наследува сигурноста како семејна традиција.

Да гледавме со превезот на незнаењето, можеби немаше да нè интересира колку пари има некој во џебот, туку колку достоинство му оставило општеството. Зошто економската моќ не е само економска. Таа е и општа моќ. Таа значи подобро образование, подобри контакти, подобра здравствена грижа, подобра самодоверба, подобар старт. Таа значи дека некој тргнува од предната линија, а некој од далеку зад неа, па потоа сите ги мериме со ист часовник и велиме: „Трчајте еднакво.“

Но, не трчаме еднакво. Не кога некој има врски, а друг има само надеж. Не кога некој има презиме што отвора врати, а друг има диплома што собира прашина. Не кога некој има семејна мрежа, а друг има само сопствена упорност. Не кога системот наместо да ги израмнува шансите, ги претвора привилегиите во правило.

Затоа превезот на незнаењето е толку силна идеја. Затоа што нè тера да замислиме општество во кое правилата не ги пишуваме од позиција на сигурност, туку од страв дека можеби ќе бидеме најслабите во него. Ако не знаеме дали ќе се родиме како богати или сиромашни, дали би дозволиле сиромаштијата да биде казна? Ако не знаеме дали ќе бидеме блиски до власта или далеку од неа, дали би дозволиле институциите да работат само за „своите“? Ако не знаеме дали ќе имаме врски, дали би изградиле систем во кој без врски не се стигнува никаде?

Можеби токму тогаш би избрале поинакви принципи за основната структура на ова општество. Би избрале институции што не прашуваат чиј си. Би избрале конкурси што навистина мерат знаење. Би избрале образование што не зависи од семејниот буџет. Би избрале здравство во кое човекот не мора да моли за третман. Би избрале работа во која трудот има тежина, а не партиската послушност. Би избрале држава во која достоинството не е привилегија, туку минимум.

Ех, да гледавме со превезот на незнаењето. Можеби тогаш ќе ја видевме неправдата почисто. Или можеби токму затоа што не би знаеле каде ќе завршиме, конечно ќе создадевме општество во кое секој може да живее без страв дека ќе биде помалку вреден само затоа што нема моќ, пари, врски или „правилно“ презиме.

Под тој превез не се крие незнаење. Се крие можноста за правда. А надвор од него, за жал, многу често се крие нашата навика да гледаме сè, а сепак да се правиме дека не гледаме ништо.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни