Денот на Европа: Македонија меѓу европската надеж и домашната реалност

На 9 Мај, Европа ја слави идејата за мир и обединување, а Македонија повторно се соочува со прашањето дали европската иднина е сè уште жива надеж или цел што со години се оддалечува.

На 9 мај Европа го слави денот на својата најголема политичка идеја: дека мирот не е случајност, туку избор. Шумановата декларација од 1950 година ја постави основата на европската интеграција како проект на соработка, солидарност и заеднички интереси, прво преку јагленот и челикот, а подоцна преку институции, правила и вредности што требаше да ја направат војната во Европа не само непожелна, туку и незамислива.

Но, во Македонија, Денот на Европа одамна не е само ден за свечени говори, сини знамиња и пораки за заедничка иднина. Кај нас, 9 Мај сè повеќе станува ден на прашање: дали европската иднина сè уште е жива надеж или полека се претвори во недостижна цел што ја повторуваме од навика?

Шумановата декларација: практичен план за мир на континент во урнатини

На 9ти мај во Европа не слави само знаме, химна или институции. Се слави идеја која се родила од стравот дека континентот може повторно да се самоуништи. Пред 76 години, францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман предложил нешто што тогаш звучело речиси невозможно: Франција и Германија, двете земји кои со децении се гледале како историски непријатели, да го стават производството на јаглен и челик под заедничка контрола. Тоа не бил романтичен повик за помирување, туку многу практичен план: ако државите заедно ги контролираат суровините потребни за оружје, новата војна меѓу нив ќе стане не само незамислива, туку и материјално невозможна. Токму затоа Денот на Европа има поголема тежина од обичен датум во календарот. Тој е потсетник дека Европската унија не почнала како бирократска машина во Брисел, туку како одговор на урнатини, милиони мртви, поделени семејства и генерации кои морале повторно да научат како се живее со соседот.

Пред вратата на Европа, но со домашни прашања без одговор

76 години подоцна, Македонија сè уште стои пред европската врата. Некогаш со ентузијазам, некогаш со разочараност, некогаш со надеж дека овојпат конечно ќе се помести нешто. Формално, процесот не е мртов. Скринингот е завршен, земјата е дел од европската агенда за проширување, а Европската комисија ја одобри и реформската агенда поврзана со Планот за раст за Западен Балкан. Но, формалниот процес и реалното чувство на граѓаните одамна не се движат со исто темпо.

За многу луѓе, Европската Унија веќе не звучи како блиска политичка цел, туку како разговор што трае предолго. Разговор во кој постојано се повторуваат исти зборови: реформи, владеење на право, уставни измени, добрососедски односи, корупција, јавна администрација, доверба во институциите. И секој од тие зборови е важен. Но, кога со години се слушаат исти реченици, а животот не се менува доволно, зборовите почнуваат да тежат помалку.

Тука е можеби најголемиот проблем. Не само дали Европа нè сака, дали Брисел има волја, дали соседите ќе го тргнат блокирањето или дали политичките елити ќе најдат компромис. Туку дали ние, со вакво општество и вакви институции, воопшто можеме да создадеме напредок што ќе биде видлив за луѓето, а не само запишан во извештаи.

Зошто Европската Унија не е само знаме. Не е само датум. Не е само преговарачка рамка. Таа е и прашање за тоа како работи државата кога граѓанинот нема врски. Како работи судот кога некој нема моќ. Како работи администрацијата кога човекот пред шалтерот не е „нечиј“. Како се вработува млад човек без партиска книшка. Како се напредува кога трудот треба да вреди повеќе од блискоста до партија, семејство, бизнис или функција.

Европскиот пат често го гледаме како надворешна задача: да исполниме услови, да усвоиме закони, да затвориме поглавја, да добиеме зелено светло. Но, суштината е многу понепријатна и многу полокална. Европскиот пат почнува таму каде што престануваме да се правиме дека не гледаме. Во училиштето, во судницата, во болницата, во општината, во конкурсите, во јавните набавки, во медиумите, во секојдневната неправда што сите ја препознаваме, но често ја нарекуваме „така функционира системот“.

Токму затоа Денот на Европа во Македонија не може да биде само прослава. Мора да биде и огледало. Ако Шумановата декларација ја замисли Европа како простор во кој мирот се гради преку заеднички институции, тогаш нашето прашање е дали ние имаме институции што создаваат доверба или институции што ја трошат. Дали имаме систем кој ги охрабрува луѓето да останат, или систем што ги учи дека спасот е во заминувањето.

И тука треба да бидеме објективни. Ниту целата вина е само кај Македонија, ниту целото разочарување може да се префрли само на Европската Унија. Процесот на проширување низ годините беше оптоварен со билатерални спорови, блокади и политички условувања што кај граѓаните создадоа чувство дека правилата не секогаш се јасни и еднакви.

Но, исто така, не може сè да се објасни со неправедноста на процесот. Затоа што и кога би ги немало надворешните блокади, би останало прашањето: што правиме со корупцијата, со партизираноста, со недовербата во судството, со слабата јавна администрација, со културата на неказнивост? Европската комисија и во последните извештаи продолжува да го става фокусот врз основните прашања: демократија, владеење на право, јавна администрација, фундаментални права и институционална одговорност.

Затоа Македонија денес е меѓу преговорите и целта, но и меѓу надежта и заморот. Меѓу генерациите што пораснаа со реченицата „иднината е во Европа“ и младите што веќе не прашуваат кога ќе влеземе, туку дали воопшто има смисла да чекаат. Меѓу државата што декларативно сака членство и општеството што секојдневно се судира со практики што не личат на европски вредности.

Можеби најчесно е да се каже дека надежта не исчезнала, но веќе не е наивна. Таа повеќе не живее во свечени говори, туку во барањето институциите конечно да станат функционални. Во потребата правдата да не зависи од моќ. Во желбата младите да не мора да избираат меѓу достоинство и заминување. Во идејата дека Европа не треба само да ја чекаме како датум на членство, туку да ја градиме како начин на живеење.

На Денот на Европа, Македонија има право да слави европска идеја. Но има и должност да се праша: дали ја живее? Зашто ако Европската Унија е цел, тогаш реформите не смеат да бидат само билет за влез. Тие треба да бидат причина граѓаните конечно да почувствуваат дека оваа земја може да биде праведна, уредена и достоинствена, и пред да стане членка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни