Денот на победата над фашизмот

Од Гебелс до TikTok: како алгоритмите ја заменија пропагандата

Осум децении по Нирнберг, крајната десница контролира речиси 30% од Европскиот парламент, а омразата најдe нов дом, во алгоритмите и коментарите

На 9 мај Европа полага венци и спрема говори за злото на фашизмот кое не смее да се повтори. Во истото време, три крајнодесничарски групи контролираат 187 пратенички места во Европскиот парламент, крајната десница учествува во влади на пет земји членки на ЕУ, а новите форми на политички екстремизам се шират преку дигитални платформи со брзина која традиционалните медиуми не можат да ја достигнат.

Историјата не почнала со Хитлер, ама завршила со него

Мусолини дошол на власт во 1922, Хитлер во 1933. Никој не дошол преку преврат. Двајцата дошле преку избори, со демагогија, користејќи ги легалните механизми на либералната демократија за да ја уништат. Нивната подлога била идентична: економскиот колапс по Првата светска војна, национално понижување, масовна невработеност, страв од другиот. Системот не давал одговори, па авторитаризмот давал свои, едноставни и емоционално задоволувачки.

По 1945, Европа го изградила антифашистичкиот консензус врз три столба: меморија (Нирнберг, спомениците, забраните), институции (ЕУ, Советот на Европа) и норми, познати како cordon sanitaire, односно политичката изолација на екстремната десница. Осум децении подоцна, истражувачите и политичките аналитичари констатираат дека сите три столба се под притисок.

Денешниот екстремизам не е монолитен. Политолозите го анализираат преку четири паралелни струи.

Прво, класичните неофашистички движења. Грчката Златна зора, осудена во 2020 година и прогласена за криминална организација, освоила 7% на изборите во 2012 и 2015 во услови на тешка економска криза. Нејзиниот колапс оставил три наследнички партии кои денес седат во грчкиот парламент. Во Полска, маршевите на денот на независноста под транспаренти со „Чиста крв” и „Бела Европа” станале редовна слика. Во Хрватска, ревизионизмот кон режимот на Анте Павелиќ останува политички толерирана точка.

Второ, популистичката радикална десница. AfD во Германија, Rassemblement National на Марин Ле Пен во Франција, FPÖ во Австрија, Chega во Португалија, Vox во Шпанија. Нивниот заеднички код: нативизам (нацијата припаѓа на „вистинскиот народ”), авторитаризам и популизам против „корумпираните елити”. Без неонацистички симболи, но со исто идеолошко јадро.

Трето, националниот популизам, категорија надвор од класичната оска лево-десно. Според британските политиколози Метју Гудвин и Роџер Итвел, овие движења ги спојуваат социо-економските барања на работничката класа со националистичкиот наратив, правејќи ги привлечни за две сосема различни бази: традиционалните ксенофоби и економски загрозените граѓани.

Четвртата форма, која теоретичарите ја нарекуваат „мал фашизам”, не гради нов поредок туку ја нормализира омразата кон другиот и ја приватизира агресијата. Нема маршеви, нема унифорими. Се манифестира преку говор на омраза, неказнет расизам и систематско затворање на просторот за јавна дискусија.

187 пратеници и тројца десничарски премиери

На европските избори во јуни 2024, крајнодесничарскиот блок освоил 187 пратенички места, малку над четвртина од вкупниот број. Трите групи се Патриотите за Европа (PfE) со 86 пратеници, основани по иницијатива на Орбановиот Fidesz, австрискиот FPÖ и Националниот собир на Ле Пен; Европските конзерватори и реформисти (ECR) на Мелони со 78 места; и Европа на суверени нации (ESN), каде членува AfD, со 27. Сите четири десничарски групи заедно контролираат 52% од пратеничките места.

На национално ниво сликата е поконкретна. Крајната десница учествува во влади или ги поддржува во Финска, Хрватска, Словачка, Шведска и Белгија. Во Португалија, Chega во 2025 освоила 22,8% изедначувајќи се со социјалистите. Во Италија, Мелони управува со стабилно мнозинство уште од 2022. Според истражувањата на European Council on Foreign Relations, за прв пат во модерната историја крајнодесничарски партии истовремено водат во анкетите во Велика Британија, Франција и Германија.

Алгоритамот го замени Гебелс

Гебелсовата пропаганда барала контролирани институции: радио, весници, државен апарат. Денешната крајна десница ги користи алгоритмите на социјалните мрежи и хиперперсонализираните пораки. Истражувањата на германскиот медиум Correctiv покажаа дека AfD систематски користела вештачки генерирани видеа за засилување на носталгични чувства кај таргетирани гласачки групи. Финансиската криза од 2008, мигрантската криза од 2015 и дигиталниот пресврт во комуникациите се трите структурни фактори кои аналитичарите ги идентификуваат како клучни за подемот на крајната десница во последната деценија.

Истражувачите на политичките партии забележуваат значаен феномен: наместо да го побиваат јазикот на екстремите, центристичките партии во Европа почнаа да го позајмуваат. Построга имиграциска политика, антиелитна реторика, сомнеж кон меѓународните институции. Според анализата на Cas Mudde, еден од водечките истражувачи на крајната десница во Европа, мејнстрим партиите кои ги прифатија овие позиции не го намалија гласачкото тело на екстремистите, туку го легитимизираа нивниот дискурс.

Историски, антифашизмот не бил идеологија на едно политичко крило. Учесниците во Отпорот биле монархисти, комунисти, либерали, свештеници, атеисти, обединети не преку заедничка идеологија, туку преку заеднички одбив. Денешните европски аналитичари укажуваат дека токму оваа широчина на антифашистичкиот консензус е она кое денес е под најголема ерозија.

Истражувањата на јавното мислење покажуваат дека граѓаните во поголемиот дел на ЕУ ги препознаваат симптомите. Според Eurobarometer од 2024, 67% од испитаниците сметаат дека демократијата е загрозена. Инструментите на денешниот политички екстремизам се поразлични од оние во 1930-тите: не се маршеви, туку алгоритми, не се маски туку се ТВ-дуели и не е жолта ѕвезда, туку се демографски паники. Механизмите кои истражувачите ги идентификуваат остануваат препознатливи и тоа се поларизација, демонизација на другиот, ерозија на институциите и напад врз независните медиуми.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни